Во насока на унапредување на земјоделското производство, Општина Илинден и годинава ја реализираше акцијата за испитување на квалитетот на обработлива почва на територијата на општината. Земени се примероци од вкупно 20 локации, опфаќајќи ги сите населени места во општина Илинден.

„Агрохемиските анализи се извршени во акредитирана лабораторија при Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје. Целта на ова испитување е земјоделците навремено да добијат стручни информации за состојбата на почвата која ја обработуваат, што ќе им овозможи прецизно и рационално ѓубрење на културите, зголемување на приносот, подобрување на квалитетот на земјоделските производи, како и намалување на загадувањето на почвата. Резултатите од анализите се јавно достапни и можат да се прегледаат на официјалната веб-страница на Општина Илинден (ilinden.gov.mk).“соопштија од Општината.

Од таму велат дека овој проект е дел од Стратешкиот план за развој на Општина Илинден 2022–2026 и најавија дека ќе продолжи континуирано да се спроведува, со цел да се опфатат што е можно повеќе земјоделски површини и да се обезбедат подетални податоци за квалитетот на земјиштето на целата територија на општината.

Текстот Бесплатни анализи на почвата во Општина Илинден е превземен од МАКФАКС.