Од наредната година, септември 2026, обезбедуваме бесплатен оброк за сите ученици во целодневна настава, со што, родителите се ослободуваат од финансиски трошоци за храната на своите деца во училиштата. Покрај тоа, на сите ученици од петто до деветто одделение им следува бесплатна неколкудневна екскурзија низ Македонија, најави кандидатот за градоначалник на Центар и воедно актуелен градоначалник на општината, Горан Герасимовски, пред основното општинско училиште „Коле Неделковски“.
Тој, најави и дека од следната година, се започнува со бесплатни дополнителни часови за сите ученици, заедно со пензионираните наставници и професори во општината.
„Ова е еден одличен проект којшто стартува од следната година. Децата покрај тоа што ќе учат за природните убавини на Македонија, тие исто така и ќе другаруваат меѓусебе. Би сакал да истакнам дека вложувањето во развојот на учениците е нашиот фокус, и токму затоа, за 50% се зголемуваат и стипендиите за талентирани ученици. Центар е општината која најмногу вложува во образованието. Сите 8 училишта се целосно реновирани, со најдобри услови за настава и педагошки процес. Ние сме тука за да ги мотивираме и да им овозможиме подобра настава и посреќно детство“, потенцираше Герасимовски.
Тој потсети, дека по 66 години, општината направи нова доградба на ООУ „Коле Неделковски“ со што ова центарско училиште доби нови четири пространи и осветлени училници, два кабинети, една библиотека, лифт, тоалет и пристапна рампа за полесен пристап за влез за учениците со посебни потреби.
Текстот Бесплатен оброк за сите ученици, најави Герасимовски е превземен од МАКФАКС.