Наредната 2022 година ќе биде година на натамошно економско заздравување и забрзување на растот преку инвестиции кои во Предлог-буџетот се предвидени на историски највисоко ниво досега и се првпат поголеми од буџетскиот дефицит. Сепак, во услови на сѐ уште присутни ризици од пандемијата од Ковид 19, клучна ќе биде и грижата за заштита на здравјето и животите на населението. Неизоставен дел е и редовната исплата на плати, пензии и социјални надоместоци и поддршката на економијата. Oва го истакна министерот за финансии Фатмир Бесими денеска образложувајќи го Предлог-буџетот за 2022 година пред собраниската Комисија за финансирање и буџет.
Со Предлог-буџетот за 2022 година, вкупните приходи се планирани на 238,9 милијарди денари и се за 7,4 проценти повисоки од годинава. Вкупните расходи се планирани во износ од 272,4 милијарди денари, што е за 1,4 отсто повеќе oд 2021 година. Дефицитот се планира на ниво од 33,5 милијарди денари или 4,3 отсто од БДП и е понизок за 2,2 процентни поени во однос на проценетиот дефицит во 2021 година.
Капиталните инвестиции во Предлог-буџетот за 2022 година се планирани на износ од 37,8 милијарди денари коишто се за околу 27 проценти повеќе во однос на 2021 година и кои се на повисоко ниво од буџетскиот дефицит, со што се постигнува златното плавило во јавните финансии.
Пред членовите на Комисијата, Бесими истакна дека главна карактеристика на овој буџет е развојната компонента, обезбедување непречено финансирање на функциите на државата, како и силна финансиска поддршка за економското заздравување и забрзаниот, инклузивен и одржлив економски раст.
Клучно, според министерот, е што ќе се позајмува само за капитални инвестиции, а парите на граѓаните ќе се искористат таму каде што даваат најголем ефект за остварување на целите за повисок квалитет на животот, почитувајќи го принципот „вредност за вложените пари“.
Средствата ќе бидат наменети за интензивирање на реализацијата на инфраструктурните проекти, односно за инвестициски вложувања во патната и во железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството.
Меѓу предвидените проекти се изградбата на автопатот од Коридор 8, железничката пруга од Коридор 10 и Коридорот 8, изградба на фискултурни сали, изградба и рехабилитација на основни и средни училиште, нови детски градинки, изградба на гасификациската мрежа….