Преку забрзување на вкупните инвестиции, во јавниот, но и во приватниот сектор, ќе се генерираат нови работни места и ќе се забрза економскиот раст, порачува министерот за финансии Фатмир Бесими.
Тој во интервју за „Гласот на Америка на македонски јазик“ (ВОА) посочува дека во Буџетот се издвоени средства за капитални инвестиции во вредност од 5,3 отсто од БДП, што е двојно повеќе во однос на историскиот просек, но и дека преку програми ќе се поттикнуваат инвестиции од приватниот сектор. За поддршка на приватниот сектор, но и населението во Буџетот се предвидени и 225 милиони евра за антикризни мерки.
-Очекуваме инвестициите во вкупната економија во следните пет години од сегашните 31 до 32 отсто да пораснат на 38 до 39 отсто. На тој начин ќе се генерираат нови работни места, но и економскиот раст ќе се удвои во однос на тоа што бил во минатото, односно од околу 2,5 проценти, би очекувале стапки на раст од 5 проценти просечен годишен раст, вели во интервјуто министерот за финансии и додава дека и преку програми финансирани од Буџетот се поттикнуваат и приватните инвестиции
Тој објаснува дека овие очекувања се темелат на заложбите на Владата да ги зголеми значително јавните инвестиции, преку крупни капитални проекти како што е почетокот на четирите нови автопати на коридорите 8 и 10д, но и изградбата на источната и западната пруга на железницата на Коридорот 8 и рехабилитација на пругата на Коридорот 10, како и вложување во енергетската независност.
Во однос на изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10д Бесими посочува дека со нивното завршување нашата земја ќе стане крстосница на европските патишта, на клучните паневропски коридори, што е стратешки важно како за нас, така и за целиот регион.
-Проектот неколкукратно ќе ја подобри економската позиција и економскиот развој, со ефект од околу 2 отсто од БДП на годишно ниво, или 10 отсто од БДП во текот на пет години колку што ќе трае, појаснува Бесими.
Тековно, посочува, останува поддршката за граѓаните и стопанството за полесно соочување со глобалната криза. Во Буџетот за годинава, како што вели, се издвоени 225 милиони евра за антикризни мерки или тоа се околу 1,5 отсто од БДП. Превидени се средства за субвенционирање на сумата за електричната енергија. За потребите на стопанството има средства преку поволните кредити на Развојната банка. Со програмите на Министерството за труд и социјална политика се предвидуваат средства за гарантираниот приход. Исто така, предвидени се средства и за други мерки доколку има потреба, како што беше случајот со поддршката на малите и средни претпријатија преку субвенционирана цена на електричната енергија во одреден временски период, за тие да можат да обезбедат пониски трошоци за нивното производство. На располагање стојат и административните мерки.