Министерот за финансии Фатмир Бесими во својата колумна за реформата за унапредување на фискалната децентрализација преку изрека на Пол Харви испрати порака до идните градоначалници на општините дека самоуправувањето нема да функционира без самодисциплина.
Реформата за унапредување на фискалната децентразизација ја презентрираа премиерот Зоран Заев и министерот за финансии Фатмир Бесими неделава на прес-конференција откако Владата ги прифати измените на Законот за финансирање на единиците на локална самоуправа.
Реформата содржи три столба – зголемување на фискалниот капацитет на општините и зголемување на приходите на општините; (2) зголемување на финансиската дисциплина на општините, намалување на долговите и домаќинско работење и (3) зголемена транспарентност и отчетност, ја преточивме во законско решение кое веќе ја помина владината процедура.
Активностите предвидени со Предлог-законот за финансирање на единиците на локална самоуправа, наведува министерот во колумната се во насока на обезбедување дополнителна демократизација на општеството, поефикасно и поекономично обезбедување и испорачување на услугите, но и засилен локален развој.
Повеќе средства ќе добиваат општините преку зголемување на процентот на средства од данокот на личен доход и дотацијата од ДДВ. Проценките се дека од сегашните 2,8 милијарди денари општините во 2024 година ќе добијат 5,2 милијарди денари. Тоа се постигнува со зголемување на сегашните 3% предвидени приходи за општините од данокот на личен доход на 6% и стапката на дотација од ДДВ од 4,5 % на 6 %, кои ќе се применуваат од 2024 година. Исто така согласно законското решение предвидено постепено зголемување и во 2022 и во 2023 година. Средствата ќе се распределуваат во два нови фонда – Фонд за перформанси (успешност) и Фонд за изедначување.
За зголемување на финансискта дисциплина на општините, намалување на договорите и домаќинско работење предвидени се активности за реално планирање на приходите и расходите на општините, рационализација во работењето и намалување на непотребните расходи, редовно сервисирање на долговите, поголема финансиска дисциплина, процедури за прогласување финансиска нестабилност, издавање општинска обврзница и анализа на постојните обврски на општините и јавните претпријатија.
Предвидено е преку посебна програма на општините да им се даде поддршка во случај на финансиска нестабилност, која со новото решение ќе се прогласува по сила на закон. За надминување на проблемите со доспеаните, а неплатени обврски тие ќе имаат на располагање до 10-годишна структурна обврзница за нивно репрограмирање. Тоа е еден од трите предвидени инструменти. Со законот ќе можат да користат и условен кредит (Stand-by) од Министерство за финансии и да издадат општинска обврзница за познат купувач – Министерство за финансии. Оваа измена ќе стапи на сила од јули 2022 со цел општините да имаат доволно време за приспособување. Исто така, во овој преоден период од денот на донесувањето на измените на законот, општините ќе имаат можност да искористат структурна обврзница за постојните обврски заклучно со 30.09.2021. Целта на ова преодно решение е да се даде можност на општините да ги консолидираат своите буџети и да можат да се фокусираат на развој на општините.
Исто така со реформата се зголемува и транспарентноста на работењето на општините, а предвидено е општините да имаат на располагање средства преку новоформирана Агенција за регионален и локален развој за инфраструктурни проекти.