Пишува: Фатмир Бесими, , министер за финансии
„Развојот не е само економски раст, туку и подобрување на животите на луѓето“, вели нобеловецот Џозеф Штиглиц. „Најважниот ресурс за економски развој се луѓето и луѓето, а не капиталот и суровините – се моторот на економијата“, рекол Питер Друкер, таткото на менаџментот. Добробитта на луѓето зависи од економијата и економијата зависи од она што луѓето ќе го внесат како инпут.
Во економијата и општеството воопшто, секогаш кога постои соодветно системско решение, тоа испорачува резултати. Добар пример е неодамнешното покачување на минималната плата, согласно воспоставениот систем на усогласување со потребите – трошоците на живот и резултатите – просечната плата. За унапредување на системот и забрзување на економскиот развој, исто така потребни се системски промени – структурни промени кои ќе ја подобрат продуктивноста и конкурентноста на нашата економија и ќе обезбедат подобри економски резултати. Како што посочив, луѓето се најважниот ресурс во економскиот развој, соодветно вложувањето во нив е многу важен дел од градењето на тој систем кој ќе испорача подобри економски резултати и повисок животен стандард. Претходно пишував за значењето на продуктивноста за забрзување на економскиот раст и растот на платите, сега оваа колумна ја посветувам конкретно на она што може да ја придвижи продуктивноста – човечкиот капитал.
Човечкиот капитал го претставува акумулираното знаење, вештини и други лични карактеристики коишто на луѓето им помагаат да бидат попродуктивни. Здобивањето со формално образование (образование во раното детство, формалниот училишен систем во земјата и програмите за градење вештини), но и неформалната едукација, (учење на работното место и здобивање со работно искуство), се начини за градење на човечкиот капитал. Другите два столба на кои се темели градењето човечки капитал се пристапот до здравствена заштита и социјална грижа и инклузија.
Теорија на човечкиот капитал
Разгледувајќи ја теоријата на човечкиот капитал, постојат неколку класификации, почнувајќи од Бекер чие гледиште е дека човечкиот капитал ја зголемува продуктивноста на работникот во сите дејности, иако варира во зависност од дејноста, организацијата или ситуацијата. Тој на човечкиот капитал гледа како на еднодимензионален инпут во производствената функција. Гарднер пак смета спротивно, постојат голем број на различни вештини, каде наједноставната класификација на човечкиот капитал би била на ментални и физички способности. Размислувањата на Шулц/Нелсон-Фелпс за човечкиот капитал се засноваат на способноста за адаптација. Според овој пристап човечкиот капитал е корисен во променливи средини каде работниците вршат адаптација на промената. Боулс и Гинтис велат дека човечкиот капитал е способноста да се работи во организација и извршуваат дадени задачи, а главната улога на училиштата е да се всади идеологијата за ваквиот начин на функционирање. Спенс го дефинира човечкиот капитал како способности, одделно корисни во производствениот процес. И покрај разликите во гледиштата, заедничкото е дека човечкиот капитал придонесува кон извршување на работниот процес и профитот на фирмите, поради тоа е вреднуван на пазарот.
Од макроекономско гледиште, човечкиот капитал е суштинска сила во поттикнувањето на растот и развојот на економијата, бидејќи луѓето се двигатели на другите фактори на производство, како физичкиот капитал и инфраструктурата. Во повеќе трудови се анализира и утврдува корелацијата помеѓу едуцираноста на населението, нивото на продуктивност и степенот на економски развој. Со растот на продуктивноста, економијата може да произведува и консумира повеќе добра и услуги во иста временска рамка, со што се поттикнува економскиот раст. Следствено, земјите каде квалитетот на човечкиот капитал е повисок, се поразвиени. Ова го отсликува и индексот на човечки капитал на Светската банка, каде најразвиените економии имаат и највисок индекс на човечки капитал, односно овие економии најмногу вложуваат во луѓето и соодветно имаат најдобра искористеност на потенцијалната продуктивност на трудот.
Вложувањето во човечки капитал е мудра инвестиција
Повеќе анализи, студии на меѓународни организации го квантифицираат влијанието на политиките за унапредување на човечкиот капитал врз економскиот раст и стандардот на граѓаните, покажувајќи ја врската помеѓу стекнувањето на знаење и вештини и економските резултати. Така на пример, анализите на политиките за унапредување на човечкиот капитал на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) кај земјите членки, покажуваат дека посетата на предучилишно образование може да го зголеми БДП по глава на жител до 5,5%, зголемувањето на соодносот наставник – ученик би придонело за раст на БДП по глава на жител до 3,3%, додека автономијата на универзитетите и училиштата може да повлече зголемување на БДП по глава на жител до 3%. Други истражувања покажале дека една дополнителна година школување ја зголемува заработувачката за 9% на годишно ниво и ваквата стапка на раст останува стабилна понатаму во животот. Инаку, овие проценти се уште повисоки за земјите во развој, дополнително повисоки кај жените.
Одржливоста и инклузивноста на развојот зависи од распределбата на човечкиот капитал помеѓу населението. На пример, доколку само неколкумина ги имаат потребните вештини да користат нови технологии, економијата како целина може да се соочи со ограничувања за поттикнување на растот преку усвојување на овие технологии. Грижата за правичноста и вклученоста за распределбата на човечкиот капитал помеѓу населението не е само прашање на етика, туку и најсоодветен економски избор.
Вложувањето во човечки капитал е меѓу најмудрите инвестиции за подигање на економската и социјалната благосостојба на граѓаните. Сепак, мора да се нагласи дека градењето на квалитетен човечки капитал е процес за кој се потребни подолго време и ресурси, но за возврат овој процес води кон резултати со поголем приход и обем.
Несоодветно квалификуваната работна сила е голем предизвик за стопанството
За една декада стапката сиромаштијата во земјава е преполовена, додека на екстремната сиромаштија е за три пати намалена. Стапката на невработеност во 2022 година е намалена на 14,4%, од 30,6% пред десет години. Стапката на невработеност кај младите од 15-24 години, исто така е намалена, сепак таа останува висока со 32,5% од вкупно невработените. Стареењето на населението (еден од три граѓани се очекува да бидат постари од 60 години до 2050 година) и емиграцијата претставуваат дополнителни предизвици за продуктивноста. Имајќи го предвид и нискиот наталитет, загубата и на мал број квалификувани работници негативно влијае на севкупниот збир на вештини во економијата.
Согласно студија спроведена од Светската банка во 2017 година, значаен дел од фирмите ја рангираат несоодветно квалификуваната работна сила, како едно од најголемите ограничувања на деловното опкружување. Од суштинско значење е и јакнењето на вештините и продуктивноста на работниците, за да се подобри нивната способност за поддршка на постарото население и да се намали притисокот од иселување, особено кај младите. Родовите, етничките и географските нееднаквости, исто така негативно влијаат на перформансите на пазарот на труд.
Зголемувањето на квалитетот на човечкиот капитал ќе биде од клучно значење за насочување на Република Северна Македонија кон поодржлив и поинклузивен економски раст и развој како и справување со новите предизвици поврзани со продуктивноста, вклученоста на пазарот на трудот и стареењето на населението. Во последната декада квалитетот на човечкиот капитал на Република Северна Македонија е подобрен, согласно Индексот на човечки капитал на Светска банка, сепак тој останува на релативно ниско ниво од 0,56. Тоа значи дека дете родено во Северна Македонија денес, кога ќе порасне ќе искористи само 56% од својата потенцијална продуктивност. За споредба, дете родено во развиените економии ќе достигне 80% од својата продуктивност, додека просекот во ЕУ е 0,75, или 75% од потенцијалната продуктивност.
Стратегија за развој на човечкиот капитал до 2030
Имајќи го сето ова во предвид, Владата во соработка со светска Банка изработи Стратегија за човечки капитал до 2030 година, каде фокус се три клучни и меѓусебно поврзани подрачја – образованието, здравството и социјалната заштита – кои ќе и помогнат на Република Северна Македонија да го зајакне и подобри човечкиот капитал за инклузивен развој. Активностите се темелат на четири стратешки столбови: 1. Подобрување на квалитетот на услугите; 2. Поголем фокус на потребите на ранливите групи на население; 3. Зголемување на расходите за образование, здравство и заштита и поефикасно трошење на средствата и 4. Подобрување на капацитетот за отпорност на секторите на човечки капитал преку искуствата од КОВИД-19 пандемијата.
Агендата за човечки капитал вклучува повеќе институции во Владата, односно Министерството за финансии, кое е во тесна координација на оваа тема со неколку други министерства, како што се Министерството за образование и наука Министерството за здравство и Министерството за труд и социјална политика. Сепак, вреди да се напомене дека успехот на Стратегијата зависи од многу поширок ангажман на институции и засегнатите страни, вклучувајќи го и учеството на граѓанското општество и приватниот сектор.
Холистички пристап во образованието за најдобри резултати
Иако, во вложување на човечки капитал се зема предвид и здравството и социјалната заштита, според дефиницијата кога зборуваме за човечки капитал пред се зборуваме за образованието – градењето на знаење и вештини. Како професор по вокација, секогаш чувствителна тема ми е дискусијата за образованиот систем кај нас и ставањето на квантитетот во функција на квалитетот на учењето. Имено, иако до 18-годишна возраст учениците кај нас завршуваат 11 години предучилишно, основно и средно образование, тие добиваат, квалитет на учење еквивалентен на 7,3 години школување – со речиси 4 години школување изгубени како резултат. Присуството на училиште не значи само по себе учење, додека квалитетната настава е од клучно значење за холистичкиот развој на учениците и нивното учење. Најголемиот потенцијал лежи во подобрувањето на квалитетот на учењето, наместо едноставното зголемување на времетраењето на школувањето.
Кон подобрување на квалитетот на образованието ќе се дејствува преку воспоставувањето на структури како Националната рамка за оценување, нов предлог концепт за матура во средното образование, како и сеопфатна реформа во основното образование преку дигитализација, развој на наставни програми насочени кон потребите на учениците и интердисциплинарен пристап во изучувањето, но и инвестиции во средното стручно образование и задолжително учење преку работа. Некои од главните реформски процеси вклучуваат изготвување на нови формули за финансирање од предучилишно до високо образование, кои вклучуваат мерит-систем, односно елементи на награда на учинок.
Стручноста и квалитетот на наставниот кадар е еднакво важен во процесот, соодветно вложувањето во унапредување на нивните перформанси е од клучно значење. Во рамки на мерките на стратегијата фокус се поставува и на инклузивноста во формалното образование, особено кај ранливите категории.
Како да го намалиме одливот на мозоци и младите од земјава?
Она што е еднакво важно е кога ќе продуцираме квалитетни кадри – истите да ги задржиме во земјава. Во изминатите неколку децении, не само кај нас, туку и во целиот регион, одливот на мозоци и млади е голем предизвик. Така на пример, според статистики на Светската банка, во Босна и Херцеговина дури 50% од населението емигрира од земјата, во Албанија 40%, во Северна Македонија третина од универзитетски едуцираното население живее надвор. Ова се значајни бројки. Заминувањето на едуцираните и обучени кадри се големо фискално оптоварување за земјите, бидејќи се вложувало во нив, а не учествуваат во продуктивноста и креирањето на бруто-домашниот производ.
Инстант решение за овој децениски проблем не постои, но постојат политики со кои може да се дејствува кон негово долгорочно решавање. Развивањето на приватниот сектор и отворање на подобро платени работни места, придружено со реформи во јавниот сектор кои ќе го поддржат е дел од овие политики е дел од тоа решение, исто како и зголемувањето на продуктивноста на високостручните позиции од кои многу се и во јавниот сектор.
Проширувањето и унапредувањето на терцијалното образование и пост-дипломските студии, исто така, може да дадат добри резултати во решавањето на проблемот со заминување на стручни кадри, иако постои мислење дека ова би можело и дополнително да го поттикне одливот. Хрватска и Романија се добри примери каде со континуирано унапредување на терцијалното образование се придонело кон задржување на кадрите во земјата.
Родовата еднаквост е исто така многу важен фактор во овие политики. Имено и, со давање на повеќе можности на жените, кои често се маргинализирани во општеството, може да се задржат високостручните кадри.
Подобрувањето на поврзаноста, на вмрежувањето е добар начин да се искористи дијаспората за економски придобивки на земјата. Покрај дознаките од странство, емигрантите можат да имаат големо влијание за домашната економија преку инвестиции и пренос на повисоки технологии.
Даночните олеснувања и погодностите се меѓу политиките кои би можеле да ги вратат високостручните кадри дома. Со оглед дека нивното враќање во земјата би го поддржало економскиот развој, особено доколку внесат капитал и знаење, дел од земјите се решаваат да го стимулираат нивниот повраток и на овој начин. Сепак, најефикасен долгорочен пристап за спречување на „одливот на мозоци“ од земјата е превенирање тоа воопшто да се случи, односно да им се даде добра причина да останат, како креирање на подобри работни места, повеќе можности и подобар животен стандард.
Системско покачување на платите, следење на продуктивноста и подобрување на животниот стандард
Наш приоритет како Влада е подобар животен стандард за граѓаните и подобар квалитет на живот за нашите граѓани. Платите секако играат значајна улога постигнувањето на овие цели. Во изминатите 6 години, Владата ја покачи минималната плата за 100% (124% за кожарската, текстилната и индустријата за производство на облека). Како резултат на тоа просечната плата за овој период е покачена за над 50%. Напоредно се покачуваат и пензиите, како и надоместоците за ранливите категории на граѓани (нашата држава прва во регионот воведе загарантиран минимален доход).
Според Државниот завод за статистика, БДП во 2022 година оствари раст од 2,1%, што податоците од пописот во 2021 година, БДП по глава на жител во 2022 година би изнесувал околу 7.500 евра или за 50% повеќе во споредбениот период за изминатите 6 години. Ова значи дека растот на платите го следел економскиот раст во земјава, што значи дека останува заложбата платите да ја следат продуктивноста и да го подобрат животниот стандард. Тоа би било економски одржлив пристап и за платите во јавниот сектор.
Како што посочувам постојано, потребни се и се реализираат структурни промени за да економскиот раст двојно се забрза и за да испорача повисоки плати и подобар животен стандард за граѓаните. Градежната офанзива која ја започнавме е во таа насока – да создаде нови вредности за економијата, работа за нашите фирми, нови работни места, понатаму поттикнување на развој на повеќе економски гранки како транспорт, трговија и туризам. Во таа насока е креирањето и на нови финансиски инструменти кои ќе мобилизираат капитал во нови инвестиции (согласно Планот за заздравување и забрзување на економскиот раст). Поттикнувањето на влез на странски капитал во земјава е исто така значајно, не само од аспект на инвестициите, туку и од аспект на носење на нови технологии и знаења. Поддршката на иновативноста и конкурентноста на домашните компании е исклучително важно – тие се оние кои ја креираат новата вредност во економијата. И на крајот повторно се враќаме на вложувањето во човечки капитал, бидејќи тој е двигател на се погоре набројаното. Колку подобро ќе ни биде зависи од самите нас и колку ние ќе дадеме инпут во економијата. Верувам во праведно наградување и праведен поврат на вложеното во економијата и се залагам за повисоки плати за сите вработени и создавање на европски услови за живеење тука (ова подразбира повисока продуктивност, но и поголема конкурентност и профитабилност на стопанството). Имаме и соодветна стратегија која ја реализираме и задоволен сум што и покрај неколкуте кризи кои го погодија светот и нашата економија имаме позитивни придвижувања во таа насока. Долгорочните резултати верувам нема да изостанат и ќе можеме понатаму да ги дискутираме и анализираме.
„Европа дома„ за перспектива и подобар живот
„Потрага по подобар живот и среќа.„ Тоа е најчестиот одговор што ќе го добиете од тие што заминале од земјата или тие што својата иднина ја гледаат надвор од земјата. (Платата не секогаш е единствената причина.) Гледано од лична перспектива на тие што се определени за таков чекор тоа е сосема рационално и оправдано размислување, особено кога знаме дека глобализацијата и либерализацијата тоа и го промовираат – слобода на движење на луѓе (и работна сила), стоки, услуги, капитал и знаење. На овие слободи на движење е заснована и Европската Унија. Сепак во оваа глобална трка за ресурси и ние треба да имаме добро поставена стратегија и агенда за задржување и привлекување на факторите за развој на нашата економија. Во однос на младите и високо образован кадар, тоа што е важно да се направи е: 1) обезбедување на перспектива, 2) отворање на нови можности, 3) подобрување на квалитетот на живот, 4) зајакнување на доверба во институциите и 5) зајакнување на чувството на припадност преку поголема вклученост во значајните процеси во општеството.
Лично сметам дека концептот „Европа дома“ ги интегрира сите наброени мотиви за задржување и привлекување на младите и „мозоците“ во нашата земја. Тоа се обезбедува со процесот на интеграција на земјата во Европска Унија, со отворањето на преговорите се отвораат нови можности и со целосното членство ќе се создадат целосно еднакви можности за развој и перспектива во дома како и во ЕУ. Значи нашиот влез во ЕУ, значи Европа се нејзините стандарди, квалитет на живеење и можности, да ја донесеме во нашата земја, кај нас дома.