Придобивките за стопанството и економијата од либерализацијата на финансиските пазари и мобилизирање на средствата се огромни. Преку мобилизирање на капиталот и негово алоцирање кон попродуктивни позиции: нови проекти, стартапи, извозни компании, мали и средни претпријатија, се поддржува економската активност и поттикнува растот. Оттаму, развојот на пазарот на капитал ќе одигра многу важна улога во забрзувањето на економскиот раст.
Ова го истакнува министерот за финансии Фатмир Бесими во својата колумна објавена вчера во која вели дека имаме јасна визија и план да ја постигнеме целта – континуирано повисоки стапки на економски раст од околу 5% годишо, и тоа може да го направиме преку Планот за забрзување на економскиот раст, каде пак, значајно место има пристапот до капитал, со кој би се финансирале проектите во јавниот и приватниот сектор, со цел да се зголемат вкупните инвестиции, да се подобри конкурентноста на економијата и да се стимулира растот.
„Во услови на ограничени финансиски ресурси, финансирањето на економскиот раст треба да произлезе од поефикасна алокација на средствата. Тоа значи зголемување на можностите за финансирање на поризични проекти, кои доколку банките (заради објективните ограничувања) не се во можност поинтензивно да се вклучат, напорите за развој треба да се насочат кон другите сегменти на финансиските пазари кои имаат развиени механизми за тоа, посочува министерот.
Според него колку е поразвиен националниот пазар на капитал, толку компаниите полесно и поуспешно ќе се справуваат со секоја нова ситуација, нема да зависат само од банкарското финансирање и ќе ја зајакнат својата меѓународна конкурентност.
Тој порачува дека преку мобилизирање на капиталот и негово алоцирање кон попродуктивни позиции: нови проекти, стартапи, извозни компании, мали и средни претпријатија, се поддржува економската активност и поттикнува растот. Оттаму, вели, развојот на пазарот на капитал ќе одигра многу важна улога во забрзувањето на економскиот раст.
Во тој контекст со Стратегијата идентификувавни се четири стратегиски правци, кои се преточени во конкретни цели и мерки, од кои дел се веќе во фаза на подготовка. Тоа се подигнувањето на учеството на индивидуалните и институционалните инвеститори преку зголемување на побарувачката за домашните хартии од вредност, зголемување на инвестициските алтернативи преку зголемување на понудата на сопственички и должнички хартии од вредност, унапредување на регулативата за усогласување со европските директиви и подигнување на свеста и финансиската едукација на корпоративниот и секторот на домаќинства. За реализација на сето ова се предвидени низа мерки на страната на понудата, побарувачката, регулацијата, како и финансиската едукација.
Во колумната наведува дека стимулирање на побарувачката предвидено е да се поттикне преку повисоки приноси како резултат на мерките за намалување на трансакциските, информациските и даночните трошоци.
Во поглед на зголемување на понудата се предвидува издавање нови инструменти од државата кои се во склоп на остварување на целите на Планот за забрзан раст, но, исто така, ќе бидат додадена вредност во понудата на нашиот пазар на капитал и начинот на финансирање на државата. Имено, какошто појаснува министерот во колумнта, подготвуваме воведување развојни, инфлациски, зелени, проектни и регионални обврзници.
Промените во однос на регулаторната рамка се во прилог на зголемување на ефикасноста на работењето на регулаторните тела, сеопфатност како и брзото приспособување во променливиот и иновативниот амбиент во финансискиот сектор. Во овој домен, наведува министерот, следејќи ги добрите практики од развиените земји се увиде потреба на обединување на регулаторните тела на небанкарските институции, со цел зголемување на нивните капацитети и оперативната ефикасност.
Финансискиот сектор и инструментите кои се предмет на континуирано подобрување и приспособавање одговарајќи на новите потреби, според Бесими, налагаат добро познавање од страна на инвеститорската јавност. За таа цел и последната дефинирана стратешка определба е унапредување на свеста на јавноста преку финансиска едукација, за што се предвидени различни програми за унапредување на капацитетите, како формирање на меѓуинституционално тело за имплементирање на активностите за зголемување на нивото на финансиска едукација, како и долгорочно имплементирање на сеопфатни програми со посебен фокус на младите, а со цел потикнување на нивното учество во пазарот на капитал.
Во колумната министерот за финансии Фатмир Бесими истакнува дека координираниот институционален пристап, инклузивноста и хармонизираноста со светските трендови според кои се водиме во конципирањето на решенијата предвидени со оваа Стратегија како и силната определба на Министерството за финансии за нивна реализација, ќе бидат препознаени и ќе се одразат преку зголемена доверба кон финансиските пазари и ефектуирање на нивниот потенцијал во економијата.