Зелената транзиција, енергетската ефикасност, зајакнувањето на човечкиот капитал како главни приоритети во следната тригодишна Програма на економски реформи, како и инвестициите поддржани со Интервентниот инвестициски план и можноста за нивно финансирање со поддршка од ЕУ, беа темите за коишто во Брисел разговараа министерот за финансии Фатмир Бесими и еврокомесарот за буџет и администрација Јоханес Хан.
Бесими, како што соопшти Министерството за финансии, потенцирал дека Програмата на економски реформи е испратена до Европската Комисија и оти приоритетите и мерките вклучени во неа се во линија со приоритетите и препораките на ЕК за земјата.
– Поддршката која ја добиваме од ЕУ ќе ни помогне во побрзо опоравување од пандемијата која остави ефекти од невидени размени во економиите во светот. Притоа, инвестициските грантови, ќе помогнат во реализација на Интервентниот инвестициски план, истакнал министерот Бесими.
Министерот посочил дека за да се искористат бенефитите од инвестициите поддржани со Интервентниот инвестициски план (ИИП) и за да може да се испорача одржлив економски раст, потребно е да се имплементираат реформите коишто заеднички се договорени во рамки на економскиот и финансискиот дијалог со ЕУ во рамки на Програмата на економски реформи.
– Уште повеќе, Програмата на економски реформи треба да биде насока за одлуките за инвестиции опфатени со ИИП, како и за внимателно планирање и приоритизација на ресурсите, нагласил Бесими.