Ако некој купил 10 обврзници за 100 000 денари, првата година ќе добие 5 000 денари камата, а втората година уште толку или вкупно 10 000 за 100 000 денари инвестиција. На крај на втората година ќе ги добие повторно парите назад доколку се реши да ги земе или да направи повторна емисија. Вака вечерва министерот за финансии Фатмир Бесими отприлика објасни каква ќе биде придобивката од граѓанската обврзница. Овој нов, иновативен инструмент, рече, до 12 јули, секој ден, од 9 до 14 часот, може многу едноставно да се купи во банките – преку средствата на трансакциска сметка или во кеш.
Како што напомена Бесими, граѓанската обврзница е исклучително транспарентен и безбеден процес на вложување, посебно на оние пари што луѓето ги чуваат дома, „под перница“.
Аукцијата ќе биде на 13 јули. Тогаш ќе се соберат сите налози, сите плаќања што се направени преку банките.
Граѓаните на 20 јули 2024 година ќе можат да ја добијат првата камата од 5 проценти од вредноста на обврзницата, а на 20 јули 2025 и втората камата, како и целиот износ на купонот.
–Битно е граѓаните да знаат, оние што имаат заштеди „под перница“, дека со ова им овозможуваме во период на инфлација, кога парите губат вредност, да вложат во државни обврзници кои даваат добри приноси. Тие што имаат намера да „перат“ пари, корситат други канали и за тоа се свесни државните институции. Тие, пак, што имаат милионски суми, бркаат други бизниси, канали и инвестиции, рече Бесими.
Според него, постапката е многу едноставна, а емисии ќе има постојано.
-Постапката е наједноставна што може. Дури и каматната стапка е заокружена на пет проценти заради порака, симболика. Значи, граѓаните ќе можат да одат во банка каде што имаат сметка или која било друга банка каде што ќе можат да отворат сметка. Ќе бараат на шалтер во банката едноставно како и секоја друга работа или плаќање, да купат обврзници на државата. Сите банки во земјата се вклучени во процесот да нудат како решение плаќање за граѓаните и тоа ќе можат да го направат дали со средствата што ги имаат во банка, трансакциска сметка или некоја друга нивна сметка во банка или со готовина. На 13 јули се прави аукцијата и после тоа неколку дена ќе се регистрира, се вика она порамнување, а де-факто се регистрираат во депозитар на хартија од вредност. Секој според регистарот на депозитар на хартија од вредност ќе може да си провери и во својата банка дека таму стои како сопственик на граѓанските обврзници, објасни министерот.
Каматната стапка на банките, потенцира, е во делот на монетарната политика.
-Граѓански обврзници ќе има постојано. Ова е првпат што го воведуваме како инструмент, но ќе го има постојано на пазарот. По втората година, кога ќе доспее оваа обврзница, ќе има запишување или обновување и граѓаните ќе може да инвестираат повторно. Во врска со каматата на банките, тоа е во делот на монетарната политика, Централната банка и банките и трансмисиониот механизам. Ние нудиме нов инструмент на пазарот кој ќе дава можност во однос на понудата на парите што ги имаат граѓаните да го вложат во овој инструмент. Пред се во интерес на граѓаните. Инаку, од аспект на вкупните депозити на граѓаните во банките ова не е ни еден отсто од 50-те милиони евра што ги најавивме. На првата аукција што го објавивме за 10 милиони евра или во противвредност 615 милиони денари е далеку од тоа што може да влијае врз пазарот, но како инструмент ќе постои во иднина и во иднина ќе има такво влијание кај банките, но тоа е во некоја подалечна иднина кога пазарот ќе се етаблира така што ова сега е директно во интерес на граѓаните. И ние со банките го дискутиравме ова и заедно сме во овој процес затоа се продаваат и преку банките, рече Бесими.
Алудирајќи на обвинувањата од опозицијата дека на овој начин ќе може да се исперат нелегално стекнатите пари, Бесими подвлече дека граѓанската обврзница, како инструмент, е имуна на политички изјави. Процесот, повтори, е исклучително транспарентен, безбеден и многу едноставен, како и секое најобично плаќање во банка.
-Овој инструмент е транспарентен и во интерес на граѓаните и мислам дека ќе ги даде очекуваните резултати, дециден е Бесими.