Даночната реформа не значи зголемување даноци и даночни стапки. Даночната реформа се однесува на проширување на даночната основна по два основа – намалување на сивата економија и ревидирање на даночните ослободувања. Целта на оваа даночна реформа и претставениот Концепт е воспоставување современ даночен систем кој ќе биде поправеден, потранспарентен, поедноставен и поквалитетен. Ова го истакна министерот за финансии Фатмир Бесими во гостување во Дневникот на ТВ Сител.
„Пристапот во оваа реформа е да нема нови даноци и зголемување на даночните стапки, туку проширување на даночната база. РС Македонија има широка листа на производи, во која се вклучени над 3000 тарифни броеви. Сега таа листа ќе се ревидира и се прави согласно новата тарифна ознака што се користи во ЕУ. На таа листа со повластена стапка остануваат сите основни производи и домашни производи што се користат кај нас, но ќе се ревидираат луксузните производи кои се на таа листа“, рече министерот Бесими.
Тој потенцира дека реформата се заснова на инклузивност и дека овој Концепт што ќе има етапна примена и стартува од 1 јануари 2023 година ги содржи препораките од дебатите што ги организираше Министерството за финансии со експертската јавност, невладиниот сектор, политичките партии, бизнис заедницата и други заинтересирани страни, а поддршка за целиот процес има и од меѓународните институции.
„Во дебатата добивме повеќе аргументи во однос на воведувањето на прогресивното оданочување, кое законски требаше да стапи на сила на 1 јануари 2023 година. Дебатата отвори повеќе прашања и за да се постигне правичност и рамноправност, ќе се избере друг модел на кој ќе се работи во наредниот период“, посочи министерот.
Тој додаде дека се прифати и барањето на бизнис заедницата за реинвестираната добивка, имајќи ја предивид актуелната состојба и влијанието на енергетската криза.
„Се прифати барањето на бизнис заедницата со аргумент дека е време на енергетска криза и инфлација и претходно кризата од пандемијата. Тој аргумент во оваа фаза беше прифатлив. Останува во наредниот период да се работи на модел таа реинвестирана добивка да се насочи кон поддршка на енергетска ефикасност, обновливи извори на енергија, дигитализација, зајакнување на човечкиот капитал, односно да се мотивираат инвестициите онаму каде има поодржливи решенија. Тоа е стратешки интерес“, истакна Бесими и додаде дека и во однос на хонорарците решението се дефинираше преку дебатата и дека Владата беше подготвена да го имплементира тоа што произлезе од тој процес. Во интервјуто се осврна и во однос на енергетската криза и мерки што се преземаат, нивото на јавниот долг, како и реализацијата на капиталите инвестиции.