Министерот за финансии Фатмир Бесими денеска се сретна со својот колега од Црна Гора Александар Дамјановиќ. На средбата беше потврдена добрата економска соработка меѓу двете земји и можностите за нејзино унапредување, информира Министерството за финансии.

На средбата двајцата министри се осврнале на општата економска состојба во контекст на кризата, мерките што се преземаат за справување со последиците од економската криза, како и за основните макроекономски политики што се спроведуваат. Тие меѓусебно размениле искуства за решенија што се применуваат во областа што ја покриваат.

-Бесими и Дамјановиќ констатираа дека успешно се имплементираат потпишаните договори помеѓу двете земји за поттикнување на економската соработка и инвестиции и дека треба да се искористат сите можности кои стојат на располагање за да се унапреди економската соработка помеѓу двете земји. Затоа беше заклучено да се разгледаат можностите и да се преземат иницијативи за да се зголеми меѓусебната соработка, преку почести средби на експертско ниво, велат од Министерството за финансии.

Исто така, како две земји кои чекорат по патот до целосно зачленување во ЕУ, биле разменети искуства во остварување на критериумите за пристапување во ЕУ. Црногорскиот министер понудил искуството на Црна Гора во делот на поглавјата што ги покриваат овие ресори да го сподели со Министерството за финансии на Република Северна Македонија. При тоа било нагласено дека е значајна регионалната соработка и капацитетите на земјите за да ги искористат средствата што стојат на располагање до европските фондови.

Стоковата размена меѓу двете земји се движи над 30 милиони евра и во 2022 година забележа раст од околу 27 проценти.