Младиот беровчанец Јован Димовски починал откако добил сепса по дренирање заб во штипската болница. За случајот преку социјалните мрежи информираа негови блиски.
„Само во нашата држава, само со нашето здравство, само со нашите „професионални“ доктори во штипската болница може да се случи ова: Со 20-годишен стаж да направиш интервенција на заб и да ставиш еден обичен дрен наопаку. Па, да предизвикаш сепса и пациентот да го пратиш дома со што предизвика на Ванчо животот да згасне на само 25 години… СРАМ ЗА ЦЕЛА ДРЖАВА!!! Каде живееме ние, какво здравство имаме, дали веќе еден ден некој ќе одговара за секојдневниот хорор во таа штипска болница. Колку животи згаснаа само поради невнимание. До кога нашиот народ ќе се лекува само со „како е рекол Бог“…. Дали во 21 век треба да се случи таков срам? Ангелу наш ти почивај во мир. А тие нема да спијат мирно“, пишува Слаџана Ризинска.
Од болницата ја потврдија смртта на пациентот и изразија жалење.
„Докторот сега треба да го подготви извештајот за смртта на младиот пациент и тој извештај ќе биде доставен и до медиумите, ама утре. Јас не би сакала сега да навлегувам во детали околу причините за прерано згаснатиот млад живот, затоа што тоа е стручна работа“, изјави лицето одговорно за односи со јавност во Клиниката во Штип, Марина Шуманска за Плусинфо.
Инспектори ќе утврдат што се случило во болницата.