Лидерот на побројното крило на опозициската Демократска партија, поранешен албански претседател и премиер, сега пратеник, Сали Бериша, од собраниската говорница ја обвини полицијата за насилство врз членовите на МАК, во кампот кај Драч и побара првиот албански полицаец, Бледи Чучи да си поднесе оставка.

Тој му оддаде почит на загинатиот муџахедин со една минута молк, а потоа истакна дека  „денеска се чувствува муџахедин“.

– Овде сум да кажам дека денеска, во овој момент, се чувствувам повеќе од кога било еден од нив, се чувствувам муџахедин, борец за слобода. Им ги упатувам моите најискрени чувства на поддршка и сочувство. Денеска се чувствувам како муџахедин бидејќи аморалната власт на оваа земја уби борец за слобода, рече Бериша.

Тој исто така побара како прва точка на дневен ред на денешната пленарна седница да се стави ова прашање, на што се спротивстави координаторот на пратеничката група на Социјалистичката партија, Таулант Бала, кој потенцираше дека „Собранието не може да биде вклучено во работи што се однесуваат на правосудството“.

Бериша претходно ги повика ОН и американскиот Конгрес да спроведат истрага за „трагичниот и насилен настан“ во кампот на муџахедините.

По барање на Специјалното обвинителство за организиран криминал и корупција полицијата пред два дена изврши претрес во кампот при што наиде на отпор од жителите.

Едно лице на 71-годишна возраст почина, но обдукцијата потврдила дека причина е срцев удар, а не убиство како што обвинуваше портпаролот на муџахедините. Запленети беа компјутерски единици, лаптопи и друг материјал зашто постоеле индиции дека од кампот се вршеле кибернапади врз земји сојузници на НАТО.

Во кампот од 2014 година сместени се над три илјади муџахедини.