Поради недостигот на учебници Комисијата за спречување и заштита од дискриминација подготвува тужба за заштита од дискриминација против Министерството за образование и наука, соопшти на 5 октомври Весна Бендевска, членка на Комисијата, пренесува Радио Слободна Европа.

Од вкупно 123 потребни учебници, на 1 септември недостигале 46, што е повеќе од една третина од учебниците.

Комисијата утврдила дека кога не постои учебник како основно средство за изведување наставно-образовен процес, нема еднаков пристап до квалитетно образование во споредба со оние што имаат учебници.

Членови на Комисијата денеска имаа средба со граѓани, претставници на граѓанскиот сектор и локалната самоуправа во Струга.

Во случајот со учебниците Комисијата ќе биде една странка од спорот и ќе ги застапува интересите на учениците.

„Нивен интерес е да добиваат квалитетно образование, а тоа значи учебник по секој наставен предмет, во секое одделение и на секој јазик на кој се одвива наставата. Тужена ќе биде државата, односно МОН. Тужбата ја подготвуваме и ќе ја поднесеме заедно со нашите стратешки партнери, Македонското здружение на млади правници, изјави Бендевска.