Застрашувачки фотографии на унаказени жени во Србија кружат по социјалните мрежи, на кои се гледаат лица со лузни и изгореници.
Деновиве на социјалните мрежи кружат застрашувачки фотографии од унаказени лица на белграѓанки, кои по т.н. бразилски естетски зафати во еден салон за убавина добиле красти, лузни и изгореници.
Неколку жени веќе излегоа во јавноста со своите лица и јавно ја обвинија сопственичката на салонот за убавина.
– Отидов во козметичкиот салон да го намалам носот со ласер и малку да ги кренам веѓите кај сопственичката, која се претставува како докторка и која на социјалните мрежи ја рекламираа sвездите во регионот, а излегов со рани, унаказена и со целосно изгорена кожа на лицето. Судскиот вештак рече дека нашите изгореници се како да сме поминале низ пожар и дека сега сме изложени на висок ризик од рак на кожата. Лузните не можат никогаш да се отстранат целосно и ќе морам да носам маска до крајот на животот – раскажува за српски „Курир“ една од жените, која по таканаречените бразилски естетски зафати добила страшни красти и лузни што не поминуваат.
Заедно со уште четири девојки, одлучила реши да ја бара правдата на суд.
– И јас и другите жени со месеци ја следевме работата на сопственичката на салонот на социјалните мрежи, видовме и дека добила награда за претприемачка на годината, дека сите ја фалат. Ми рекоа дека третманот се прави со ласер и дека таа е лекарка, иако подоцна се покажа дека е во прашање третман со плазма пен, кој инаку може да се прави само во болница, и дека жената по професија е геодет или математичар. По пет часа болен третман, кој го платив речиси 2.000 евра и кој го преплаќав, излегов со целосно искасапено лице – вели оваа жена.
Таа наведува дека по третманот, очите не можела да ги отвори седум дена, а и не можела да јаде два месеца.
– Целиот епидермис на мојата кожа беше отстранет, и со текот на времето, почнаа да се формираат болни лузни, т.н. келоиди. Тие можат да се санираат само 70 отсто и до крајот на животот сега ќе носам маска и ќе живеам во страв од рак на кожата – истакнува жената. Таа додава дека и други девојки кои имаат слично страшно искуство со истата ординација, која постои во Белград и во Бања Лука, секојдневно им се јавуваат преку социјалните мрежи, а спомнатата лекарка дури држи и едукации на оваа тема. Кога и со другите оштетени девојки се обидела да ѝ се обрати на жената која им ги правела „третманите“, добиле обвинувања дека не ги почитувале препораките во текот на закрепнувањето и на крајот биле блокирани.
Белграѓанките отвориле профил на Инстаграм каде што секојдневно објавуваат фотографии со унказените лица по зафатот за да ги предупредат другите жени.
Што е плазма пен и за каков третман станува збор:
– Третман што се користи за пополнување на брчките;
– Се изведува со апарат во форма на молив кој има игла;
– Создава микроповреди кои го стимулираат производството на колаген и еластин;
– Се нанесуваат кремови за анестезија;
– Иглата мора да биде оддалечена еден до два милиметри од кожата со растојание помеѓу микроповредите;