Деведесетгодишна жителка на Белгија починала откако била заразена одеднаш со две варијанти на коронавирусот – британскиот и јужноафриканскиот сој, пренесува AFP повикувајќи се на студија на белгиските научници.
Жената починала уште во март годинава, кога возрасната пациентка била хоспитализирана во градот Алст со дијагноза за Covid-19. Првично кај неа имало добро ниво на кислород, но нејзината состојба набрзо се влошила и жената починала пет дена подоцна. Во извештајот се наведува дека таа не била вакцинирана против коронавирусот.
Медицинските стручњаци подоцна откриле дека пациентката била истовремено носител на два соја на коронаворисот: алфа, или ткн бротански сој, и бета односно јужноафриканскиот сој.
„И двете варијанти (на вирусот) во тој период циркулираа во Белгија, па многу е веројатно дека жената се разболела со различните варијанти на вирусот од две различни лица“, изјави за агенцијата молекуларниот биолог Ана Ванкирберген.
Според неа, тешко е да се каже дали брзото влошување на состојбата на пациентката е непосредно поврзано со присуството на двете варијанти на вирусот одеднаш. Но, како што додава Ванкирберген, феноменот на истовремено заразување со неколку соеви истовремено „веројатно е потценет“.
Истражувањето на оваа тема, предводено токму од Ванкирберген, ќе биде презентиран на претстојниот Европски конгрес за клиничка микробиологија и инфективни болести (ECCMID).
Вирологот Лоресн Јанг, професор по молекуларна онкологија на британскиот Универзитет Ворвик, смета дека инфекцијата со повеќе од еден вид на коронавирусот не е изненадувачки. Во секој случај, тој верува дека е потребно истражување за да се утврди дали таквата зараза влијае врз клиничкиот тек на Covid-19 и дали може да се одрази на ефикасноста на вакцините.
Во јануари 2021 година, научниците во Бразил објавија дека две лица биле истовремено заразени со два вида коронавирус, од кои едната варијанта за која биле загрижени била гама варијантата.
Во меѓувреме, истражувачи од Португалија, неодамна лекувале 17-годишник, кој се заразил со втора варијанта на коронавирусот, додека сè уште се опоравувал од првата, веќе постоечка инфекција со вирусот.