Американскиот претседател Џо Бајден ќе издаде извршна наредба со која ќе се забранат инвестиции, трговија и финансирање од американски поединци во Доњецк и Луганск, во источна Украина, соопшти Белата куќа, набргу откако Русија ги призна двете бунтовнички области како независни држави, пренесе ДПА.
Портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки, вечерва изјави дека извршната наредба „исто така ќе обезбеди овластување за воведување санкции за секое лице кое ќе одлучи да продолжи да дејствува во овие украински области“.
Казнените мерки „се одвоени и ќе бидат дополнување на брзите и строги економски мерки што ги подготвувавме во координација со сојузниците и партнерите доколку Русија дополнително ја нападне Украина“, додаде Псаки, пренесе ДПА.