Портпаролката на Белата куќа, Каролина Ливит, одржа редовен брифинг за новинарите на кој ја разгледа средбата меѓу Трамп и Путин во Алјаска и вчерашниот историски состанок со Зеленски, лидерите на ЕУ и шефот на НАТО.
Во воведот, таа го пофали Трамп и неговите напори за завршување на војната во Украина, а потоа ги нападна одредени медиуми кои го критикуваа него и неговата администрација за средбата со рускиот претседател.
Таа истакна дека Трамп јасно испраќа до знаење дека американските сили нема да бидат распоредени во Украина.
„Претседателот јасно стави до знаење дека нема да има американски сили на терен во Украина, но ние секако можеме да помогнеме во координацијата и можеби да обезбедиме други форми на безбедносни гаранции за нашите европски сојузници“, рече Ливит.
Таа додаде дека Трамп верува дека безбедносните гаранции се од суштинско значење за траен мир и го задолжил својот тим за национална безбедност да се координира со европските партнери, како и да продолжи со дискусиите со Украина и Русија за овие прашања.
Кога новинарите прашаа што се случило со трилатералниот состанок, портпаролката на Белата куќа рече дека претседателот Доналд Трамп веќе разговарал и со Володимир Зеленски и со Владимир Путин за идејата.
„Претседателот разговарал со двајцата лидери за тоа и двајцата изразиле подготвеност да седнат еден со друг“, рече портпаролката.
Текстот Белата куќа: Американските сили нема да бидат распоредени во Украина е превземен од МАКФАКС.