РЕК Битола на залиха има само 40 илјади тони јаглен, а во просек дневно се копаат од 3 до 5 илјади тони јаглен.
Ова го кажа министерот за економија Кршеник Бектеши кој уверува дека проблем со снабдувањето нема да има бидејќи во меѓувреме се носи и јаглен од Косово за Осломеј, а се прават и напори за активирање на ТЕЦ Неготино..
Во вторник Владата ќе прогласи и кризна состојба. Бектеши вели дека очекувањата се во текот на следната недела да се префрлат пари на ЕСМ и МЕПСО. Државата на располагање има 100 милиони евра, пари неискористени од Ковид мерките, но сепак Бектеши вели дека буџетот е ликвиден и пари има. Откога ќе се направат проценките ќе се одлучи колку финансиски средства ќе се префрлат на фирмите.
Во меѓувреме понудите за набавка на 900 илјади тони јаглен се уште се разгледуваат. Од ЕСМ соопштуваат дека наредната недела би требало да се знае од која фирма и по која цена ќе се набавува јагленот кој е потребен за да се активира третиот блок на РЕК Битола и да се произведува струја за стопанството. Она што е познато е дека јагленот ќе се доставува со камиони на дневно ниво во зависност од потребите, а транспортот ќе биде задача на самата фирма.