Ве уверувам дека цените на нафтата и нафтените деривати во Северна Македонија ќе бидат најконкурентни и најмали ако ги споредуваме со цените на соседите, истакна денеска министерот за економија Крешник Бектеши при посетата на трговскиот центар „Ист гејт мол“.
– Сите резерви и државни и оперативни се полни. Испораките се прават редовно. Нема простор за грижа и паника, граѓаните да не паѓаат на шпекулации, потенцира Бектеши.
Тој во однос на шекулациите дека во маркетите се празнат рафтови, а трговците со нафта и нафтени деривати чуваат резерви со цел да ги продадат по повисоки цени, рече дека инспекциите постојано вршат контроли и оти нема простор за паника.
– Имајќи го предвид капацитетот на Пазарниот инспекторат ние донесовме дополнителна одлука да се вклучи финансиската полиција и Управата за јавни приходи, се со цел да се зголеми бројот на инспектори кои ќе вршат контроли. Инспекциите се вршат и во сабота и во недела. Утре ќе имаме координација со сите кои вршат контрола и ќе ја известиме јавноста во делот на наодите. Колку што имам информации, веќе почнале да се полнат сите рафтови на маркетите, нема колони на бензинските пумпи. Нема простор за грижа, не треба да се создава паника, имајќи предвид дека во континуитет во Северна Македонија, сите трговци, сите диструбутери, сите увозници имаат доволно испорака, согласно потрошувачката која е редовна во нашата држава, наведе министерот за економија.
Тој упати апел до граѓаните да купуваат согласно нивните потреби и доколку забележат празни рафтови во маркетите да пријават на 191 за да постапуваат инспекторите.
На новинарско прашање, околу разговорите со трговците од кванташки пазар и информациите за укинување или менување на маржата на овошјето и зелечукот Бектеши рече дека маржите нема да се сменат.
– Ќе се донесе одлука за укинување само тогаш кога ќе се примети дека има намалување на одредени цени. Ако има намалување на цените на овошје и зеленчук секако дека ќе ја укинеме одлуката. Во случај ако има зголемување ќе има дополнителни мерки, одговори тој.
Министерот за економија, на новинарско прашање околу дополнителна помош за земјоделците од страна на државата, истакна дека вчера остварил состанок со министерот за финансии и оти ги разгледале сите опции.
– И во време на панедемија речиси на дневна база носевме мерки и така ќе продолиме да носиме мерки. Ќе има дополнителни олеснети мерки и за стопанството и за граѓаните наредната недела и секако и Министерството за земјоделство има задолжение да направи соодветна анализа за начинот како се даваат субвенциите, особено за тие производи кои се во склоп на стоковите резерви и најверојатно во вторник, кога имаме редовна седница на Влада, ќе се дискутираат одредени опции и ке бидете информирани, нагласи Бектеши.
Тој информираше дека ДПИ утре ќе достави извештај за цените на производите и за тие што е потврдено дека има зголемување на цената кое не зависи од трговците на големи и на мало ние, како што посочи, ќе донесеме дополнителни олеснителни мерки се со цел граѓаните да не плаќаат поголеми цени.