Од 1 март кога ќе стапи во сила одлуката за ограничување на маржите, очекувањата се дека ќе се стабилизира пазарот, изјави вечерва министерот за економија Крешник Бектеши, кој не верува дека ќе има нов ценовен шок.
– Ние не очекуваме големо намалување на цените. Ако во случај останат истите цени на суровините, тогаш согласно одлуката, очекуваме да има намалување од пет до 10 проценти на постоечките цени. Ако во случај се зголеми цената на суровините, тогаш минимум што може да направиме е да имаме стабилизација на цените, рече Бектеши во емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма.
Тој посочи дека од мерката за замрзнување на цените на основните прехранбени продукти поголемиот товар паднал врз производителите, отколку врз трговците на големо и мало. Во време на пандемија, поточно во 2020 година, како што соопшти министерот, дел од супермаркетите во земјава имале нето профит кој се движел од три до 8,5 милиони евра.
– Треба да се има предвид дека во време на пандемија, сите тие беа директно поддржани од страна на државата. Ние секогаш повикуваме на солидарност – не секогаш товарот да паѓа на граѓаните и тие да плаќаат повисоки цени, а одредени компании да не намалат ниту еден процент од маржите. Дополнително на тоа, на товар на производителите, на некој начин вештачки да ги доведуваат во позиција да мора да ги зголемат давачките, истакна Бектеши.
Одлуката за ограничување на маржите важи до крајот на мај бидејќи дотогаш, како што рече Бектеши, се очекува да биде донесен законот за нефер трговски пракси со кој меѓу другото се предвидува категоризација на супермаркетите. Законот, според министерот, ќе биде донесен во консултација со сите заегнати страни.
Од Агро бизнис комората бараат субвенции за производителите во делот на енергијата и активирање на стоковите резерви. Велат дека работат на „шкрги“ и дека нивниот профит е едвај пет проценти.
– Производителите се доведени да дишат на „шкрги“. Сега е моментот да се подржат производителите, кои се есенција во државата. Околу нив најмногу треба да се фокусираат мерките на владата, истакна Горан Ѓорѓиевски од Агро бизнис комората.
Министерот Бектеши рече дека се планира активирање на стоковите резерви, но не сакаше да прецизира кога би се случило тоа.
Во однос на мерката за замрзнување на цените на основните прехранбени производи, од Пазарниот инспекторат велат дека генерално трговците ја почитувале оваа мерка.
– Извршени се 600 инспекциски надзори, а трговците речиси 100 проценти ги почитуваа мерките за змрзнати цени, изјави директорката на Пазарниот инспекторат, Анета Симеска Димоска вечерва во емисијата „Топ тема“.
Со одлуката за ограничување на маржите се определува највисоката трговска маржа да изнесува до 5 отсто на продажната цена пресметана во трговијата на големо, односно до 10 отсто на продажната цена во трговија на мало кај лебот, шеќерот, солта, брашното – тип 400, суровото сончогледово масло и сончогледово масло за јадење, трајното млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 отсто, свежото месо и сувомеснати производи, сирењето и урдата, оризот, јајцата, тестенините, пченицата и овошјето и зеленчукот.