Министерот за економија Крешник Бектеши на прес-конференција информираше дека Министерството за економија денеска објави четири јавни повици кои произлегуваат од Програмата за промоција на обновливите извори на енергија и поттикнување на енергетската ефикасност во домаќинствата за 2021 година.
Оваа година во рамки на оваа програма се предвидени вкупно четири мерки во вкупен износ на финансиска поддршка од 52 милиони денари и тоа за: надоместување на дел од трошоците за купени и вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци во домаќинствата, надоместување на дел од трошоците за купување и вградување на печки на пелети во домаќинствата, надоместување на дел од трошоците за купени и вградени сончеви термални колекторски системи во домаќинствата како и надоместување на дел од трошоците за купување и инсталирање на фотонапонски панели за производство на електрична енергија до 4 kW за сопствена потрошувачка за домаќинствата.
„За мерката субвенции за печки на пелети оваа година во буџетот на Министерството за економија се предвидени вкупно 14 милиони денари при што субвенцијата изнесува 50 %, но не повеќе од 20.000 денари по домаќинство, односно до 70 %, но не повеќе од 25.000 денари по домаќинство со ниски приходи. За мерката субвенции за вградување на ПВЦ прозорци предвидени се вкупно 22 милиони денари. Финансиската поддршка изнесува до 50 %, но не повеќе од 20.000 денари по домаќинство, односно до 70 %, но не повеќе од 25.000 денари по домаќинство за лица со ниски примања“, кажа министерот Бектеши.
Како што информираше Бектеши, за субвенции за вградување на сончеви колектори за затоплување во домовите оваа година се наменети 8 милиони денари, а финансиската поддршка изнесува до 30%, но не повеќе од 10.000 денари по домаќинство, односно до 70%, но не повеќе од 15.000 денари по домаќинство за лица со ниски приходи.
„За субвенции за купување и инсталирање на фотонапонски панели за производство на електрична енергија до 4 kW за сопствена потрошувачка за домаќинствата, на градба на која има право на сопственост или користење се наменети 8 милиони денари при што поддршката изнесува до 30%, но не повеќе од 62.000 денари по домаќинство“ кажа министерот.
Според Министерот, корисници на оваа програма во категоријата на лица со ниски примања се сметаат оние кои се вработени со месечни приходи до 30.000 денари, пензионери со нето месечни приходи до 20.000 денари, како и ранливите категории приматели на социјална помош, и додаде дека и на неколку новини во огласите оваа година.
„Принципот „прв дојден прв услужен’’ ќе се применува и оваа година при што средствата од Програмата наменети за секоја мерка пооделно ќе бидат распределени според степенот на развој на секој од планските региони, со цел да се поттикне рамномерниот регионален развој. Распределбата по плански региони значи дека најмалку развиените региони во државата ќе добијат најголема дел од финансиската поддршка по сите четири мерки и обратно, најмалку средства се наменети за најразвиените региони во државата. Фискалните сметки за печките на пелети и за фотонапонските електрани ќе важат од 1-ви јануари 2021 година. За фотоволтаиците ќе може да се аплицира до 30.06.2021 година, бидејќи е нова мерката. Другите огласи ќе важат до 31.05.2021 година, освен ако порано не бидат исцрпени средствата“, потенцираше министерот Бектеши и додаде дека барателите ќе можат да го дополнуваат барањето, но во таков случај го губат местото и датумот кога аплицирале и датумот на последно комплетирање на барањето, ќе се смета за датум на аплицирање.
Документацијата за аплицирање за добивање на овие субвенции е детално дефинирана во Јавните огласи кои што се објавени во два дневни весника, како и на веб страната на Министерството за економија.