Нема да има измени во повиците за универзалниот снабдувач и за Чебрен. Ако некој потпише таков договор, за измена на јавните повици, ќе подлежи на кривично дело и тука веќе ќе имаат работа судството и обвинителството, рече денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
Во однос на универзалниот снабдувач, како што објасни Бектеши, условите и критериумите се утврдени на владина седница, веќе е формирана Комисија и нема да се менува ништо. И во однос на Чебрен, Владата одлучила да не се менува ништо, па доколку компанијата се согласува со тие критериуми, има шанси до 31 декември да го потпише договорот, а ако не, тогаш би требало да се активира банкарската гаранција која е дадена согласно првично доставените критериуми.
Одговорајќи на новинарски прашања, Бектеши истакна и дека нема инвазија на грчки фирми во македонскиот енергетски сектор. Напротив, напомена, според податоците на Министерството за економија, во енергетиката повеќе инвестираат домашните компании, посебно во делот на обновливите извори на енергија.
Во однос, пак, на вработувањата во ЕСМ, Бектеши појасни дека станува збор за трансформација на работните места од определно на неопределно време.
-Измени на јавниот повик за универзален снабдувач не може да се случат, тие се утврдени на владина седница и формирана е Комисија. Такви измени нема да се направат. Главната измена во моментот кога се објави повикот е дека не може да се дава процент поголем од 11,5 отсто, процент кој е постоечки од универзалниот снабдувач. Убеден сум дека со транспарентност и начинот како е објавен повикот, тој процент ќе биде под 10 отсто. Тие што ги исполнуваат условите, се повикани да учествуваат на повикот, а измени на криетриумите нема да има, подвлече министерот.
За Чебрен, Бектеши повтори дека во повикот нема да има никакви промени.
-Имајќи предвид дека условите се наведени кога е објавен повикот за Чебрен, одлучивме ништо да не се менува, дециден е Бектеши.
Тој на прес-конференцијата во Владата информира и дека Министерството за економија ќе предложи сите инвестиции во југозападниот регион на државата, каде се лоцирани најголемиот број термоелектрани, да бидат дополнитело поддржани од државата. Целта е, рече, да бидат регрутирани сите граѓани од тој регион, да нема невработени, со оглед на определбата за зачувувување на животната средина и зелената транзиција.




















