Министерството за економија нема да ја продолжи мерката за гарантирани цени која завршува на крајот на месецов, туку, како што најави ресорниот министер Крешник Бектеши, ќе го чека носењето на законот за забрана на нефер трговски практики со кој, според него, ќе се стави ред во нелојалната конкуренција во трговијата и ќе доведе до намалување на цените на прехранбените производи.
-Очекуваме ова законско решение, кое е целосно усогласено со европската регулатива и е со европско знаменце, да биде усвоено во најкраток можен рок. Со законот очекуваме да се намалат цените на прехранбените и земјоделските производи, изјави Бектеши за МИА.
Законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи, како што кажа, уште во декември 2023 година, на предлог на Министерството за економија беше усвоен од Владата и доставен до Собранието.
-Законското решение со кое се става ред во нелојалната конкуренција во трговијата и се воведуваат фер практики помеѓу трговците и добавувачите во синџирот со земјоделски и прехранбени производи се очекува оваа недела да влезе во второ читање во комисиите во Собранието, посочи Бектеши.
Министерството за економија лани на 20 септември донесе Одлука за изменување на одлуката за посебни услови за трговија на одделни стоки, определување на највисоки цени на одделни производи во трговијата на мало, како и обврска трговците да прибавуваат и продаваат определени видови и количество на одделни стоки на потрошувачите според определен редослед што беше објавена во Службен весник и важи до 29 февруари годинава.
Одлуката се однесува на: ориз бел, во пакување од 900 g до 1kg; брашно пченично тип 400 и тип 500; бел и полубел леб, векна, индустриски тип 450 g (цел и на парчиња), со исклучок на свежо печен леб во маркетите; други пекарски производи; бисквити „Petit Beurre“ и бисквити обични и посни од 300 до 500 g; наполитанки, со фил од какао крем (обични, непрелиени) од 300 до 500 g; тестенини (макарони и шпагети од тврда пченица обични) без и со јајца од 500 g; јунешко месо без коски, од бут или некој друг дел; свинско месо без коски, од бут или некој друг дел; мелено месо свинско и јунешко; пиле свежо или замрзнато (цело); пилешки стек свеж или замрзнат; чаен колбас (јунешки, свински и говедски) без додатоци и без слајс пакување; пилешка посебна салама (без слајс пакување); паштета од џигер и пилешка (без додатоци) во пакување од 95 и 100 g; трајно кравјо млеко (освен органско млеко и млеко со додатоци) со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%, во пакување од 1 l; јогурт од кравјо млеко обичен (без додатоци) со масленост од 2,8% до 3,2%, во пакување од 1 l и 1,5 l; кисело кравјо млеко (обично, без додатоци) со масленост од 2,8% и 3,2%, во пакување од 300 до 500g; павлака од кравјо млеко со масленост од 12% до 20%, во пакување од 180 или 200 g; традиционално кравјо бело сирење и мешано бело сирење (без додатоци); традиционален кравји и мешан кашкавал (без додатоци) и свежи јајца од кокошка.
Покрај тоа, донесе и одлука за изменување на одлуката за определување на највисоки цени за одделни производи во трговијата на големо и трговијата на мало што, исто така, важи до 29 февруари годинава и се однесува на: светло пиво во пакување од 1,5 l во шише; газирани пијалаци (сокови) во пакување над 1 l во шише; негазирани пијалаци (сокови) во тетрапак пакување и минерална, газирана и негазирана природна изворска вода во пакување над 1 l во шише.
Министерството за економија донесе и одлука за намалување на увозните давачки за увоз на свеж зеленчук што важи до 28 февруари годинава според која применливата царина е 10 отсто за кромид, праз, карфиол и брокула, салата, моркови, модар патлиџан и тиквици, како и одлука за намалување на увозните давачки за увоз на свежи домати, краставици и пиперки што исто така важи до 28 февруари годинава и за кои применливата царина е 10 отсто. Со земјите од ЦЕФТА, пак, царината е 0 отсто