Министерот за економија Крешник Бектеши вели дека не се чувствува добро кога слуша критиките од САД за високата корупција во рамките на власта.
„Со САД имаме тесна соработка и никој од владата не се чувствува добро. Таа држава многу не има помогнато и време е да се посветиме еднаш за секогаш да донесеме закон за ветинг, со кој граѓаните ќе видат кој е, а кој не е корумпиран“, вели министерот Бектеши во интервју за ТВ Шења и порталот зоом.мк.
Тој тврди дека во рамките на владината коалиција има политичка волја да се усвои законот, кој ќе ги опфати сите носители на јавни функции, политичари, судии и обвинители.
Во врска со недостатокот на работна сила во пазарот на трудот, Бектеши потврдува дека е барање на стопанските комори да се поедностават процедурите за издавање на дозволите за работа.
„Уште не сме утврдиле од кои држави ќе увеземе работна рака, но голем број турски државјани веќе имаат обезбедено работни дозволи, но предност даваме на вработување на нашите сограѓани преку разни програми за преквалификација“, додава министерот за економија.