Ќе има директна финансиска поддршка во вид на грантови за угостителите кои по препорака на Комисијата за заразни болести се затворени, односно не примаат гости. Моделот по кој ќе бидат поддржани веќе е направен и по консултација со коморите и здуженијата за туризам и угостителство, следната недела мерките ќе бидат објавени, нагласи министерот за економија Крешник Бектеши во гостувањето на ТВ Сител.
Тој посочи дека веќе е направен моделот како ќе бидат поддржани угостителите, ќе се земат во предвид приходите остварени во првите три месеци годинава и согласно приходите кои што ги оствариле, како што рече министерот, еден дел од тие приходи ќе ги покрие државата во форма на директен грант за секој угостителски објект кој што е затворен.
– На почетокот на следната недела ќе бидат објавени мерките, согласно анализите и можностите во Буџетот ќе ги повикаме сите угостителски здруженија и комори ќе го утврдиме одреден процентот на финансиска поддршка, истакна Бектеши.
Во однос на тоа колкав ќе биде процентот на помош, министерот посочи дека чекаат да ги добијат сите податоци согласно анализите и можностите што ги имаат во Буџетот, ќе ги повикаат Стопанските комори и секако дека и другите организации кои ги претставуваат угостителите во нашата држава и заеднички ќе одредат одреден процент согласно можностите и нивната потреба што би ја имале.
Министерот за економија ги повика работниците да не потпишуват бланко спогодба за напуштање од работа имајќи предвид дека очекуваат наредната недела да се деблoкира Собранието и да почнат да ги исплаќаат и платите или пак да даваат финансиска поддршка на плати каде што секако дека голем дел од тие субјекти кои ја добиваат таа помош се од дејноста угостителство.
Тој ги повика работодавачите да не ги отпуштаат работниците, бидејќи ветената поддршка од државата ќе стигне.
– Очекуваме на почетокот на следната недела да се деблокира Собранието и да се донесат законите од Петтиот сет мерки, со кои што е предвидена исплата на плати за работниците за месеците февруари и март, кажа Бектеши.
Околу проекциите на Светската банка за економскиот раст, Бектеши посочи дека и претходната година проекциите на одредени институции биле дека земјава многу лошо ќе помине.
– Ние утре во Владата, заедно со претседателот на Владата и министерот за финансии ќе имаме прес-конференција каде што ќе ги покажеме сите ефекти кои што ги имале првите четири сета на економски мерки, каде што јасно се гледа дека имало влијание врз намалување во делот на БДП, ако сме имале четири запирка нешто посто требало да биде над седум отсто, ако не беа економските мерки. Јас мислам дека добро сме органирани во делот со економскиот тим и сега со петтиот пакет мерки веќе имаме искуство во делот на креирање и дизајнирање на вакви мерки и навремено и соодветно, секако дека во разговор со стопанските комори, секако дека ќе излеземе во пресрет на економијата се со цел првично да ги зачуваме работните места, првично во приватниот сектор, секако и во јавниот сектор, но истовремено и секако да им овозможиме на нашите компании и во време на криза да станат поконкурентни, заклучи Бектеши.