Мерката за замрзнување на цените на производите до 30 ноември годинава е одлична мерка што дава резултати и е поддржана од страна на потрошувачите, а податоците и анализите што ги имаме за нејзиното спроведување даваат простор да се продолжи до крајот нагодинава за да нема нарушување на пазарот во декември кога има поголема потрошувачка, оцени денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

-На денешниот настан ќе имаме можност отворено и транспарентно да дискутираме за тоа со стопанските комори и со чинителите. Очекуваме нивни сугестии како да се подобрат мерките и да бидат во насока на намалување на цените. Според моменталните податоци и анализи  мерката најверојатно ќе продолжи до крајот на годината, изјави Бектеши пред почетокот на Деветтиот FMCG SUMMIT во организација на магазинот InStore и Кликер маркетинг.

Прашан дали мерката може да се коригира во делот на промоциите и акциите како што бараат стопанствениците, Бектеши рече дека и сега може да се прават акции и промоции.

-Колку што сум информиран и со постојната мерка имаат можност да прават акции и промоции само што во делот на производите кои се означени со „гарантирана цена“ треба да го наведат фактот дека тоа е дополнително намалување, а не е акција заради истек на рок за да биде јасно за потрошувачите. Доколку,пак, е акција за ради истек на рок и тоа јасно, прецизно и концизно треба да биде наведено за да не се стават во заблуда потрошувачите и граѓаните, прецизира Бектеши.

Комерцијалниот директор на фабриката за кондиторски производи „Лион“ Свети Николе, Никица Павлоски, пак, посочи дека со одлуката на Владата за замрзнувањето на цените фирмите бележат пад на продажбата од 20 до 30 проценти, а како проблем кој дополнително ја отежнува ситуацијата ја посочи забраната за акции и промоции заедно со покачувањето на стапката на ДДВ за некои производи.

-Граѓаните со години се научени да купуваат производи на промоција. Сега промоциите се забранети, а дел од производите се покачени со покачувањето на ДДВ-то. Очекувам Владата да ја прекине одлуката барем во делот на промоциите, а за замрзнатите цени не можам да кажам бидејќи ние немаме производи од референтната листа. Секаде во регионот промоциите и акциите функционираат иако има замрзнати цени, изјави Павлоски.

Препорача промоциите и акциите да продолжат и кај нас и за тоа да се најде некој заеднички механизам меѓу Владата, производителите и трговците.

-Доколку сакаат по секоја цена да ги намалуваат цените на производите тогаш треба да разговараме во делот на суровините. Ние сме увозна земја, ги увезуваме сите суровини и немаме свое производство. Затоа ни треба долгорочна стратегија како да најдеме поевтини суровини, рече Павлоски.