Министерството за економија дизајнираше многу нови мерки кои граѓаните и компаниите ќе ги почувствуваат во јануари. Ова се посебни мерки од оној деветти пакет антикризни мерки, ова се дополнителни мерки за да го зачуваме животниот стандард на граѓаните како од пред кризата и со зголемените плати да го подобриме, вели министерот за економија Крешник Бектеши во СТУДИО 10 на ТВ 24.
– Денеска ќе имаме средба на која најверојатно ќе усвоиме продолжување на замрзнувањето на цените, односно оние замрзнати цени, а тоа ќе трае се до донесувањето на Законот за нефер трговски практики. Конечната одлука за загарантираните цени ја носи Владата по предлог на Министерството за економија, вели Бектешки.
Бектеши вели дека Законот за нефер трговски практики е со европско знаменце и кога се носи таков закон треба да се подготват табели и затоа малку се доцнеше, но министерот очекува дека понатаму во Собранието постапката ќе оди побрзо.
– Граѓаните да бидат спокојни оти Министерството за економија веќе има искуство со мерките за заштита на стандардот на граѓаните. Македонија е единствена земја во регионот во која просечната плата е зголемена повеќе од зголемувањето на инфлацијата. Имаме инфлација од 3%, а зголемување на платата за 15%, што значи дека одредени категории на граѓани имаат и подобрен стандард. Затоа сега решивме да ги поддржиме пензионерите, учениците и студентите во чии семејства има приходи до 50.000 денари и примателите на социјални давања, вели Бектеши.
Севкупно за помош на граѓаните се таргетирани 8 милиони евра, вели Бектеши и додава дека ова не е предизборен маркетинг туку е помош во рамките на можностите на буџетот.
– Не треба да се плашиме за леб. Ние тоа успеавме да го изменаџираме и во најтешките кризни периоди. И цените на електричната енергија се помали одошто на почетокот од годината, а сега е воведена и евтина тарифа. Сега ќе се направи и измена во тарифата за мрежарината оти има домаќинства кои плаќаат мрежарина повисока од потрошената струја. Тука ќе има измени, ќе се олесни за оние кои имаат потреба, а оние кои се побогати и имаат вили ќе плаќаат мрежарина за сите објекти, вели Бектеши.
Според Бектеши, за време на кризата најголема добивка имаа трговците на мало со неправедно зголемување на цените кои граѓаните со ниски приходи не можеа да ги покријат.