Мерката за замрзнување на цените на основните прехранбени производи нема рок туку ќе трае се додека има потреба за тоа, тврди министерот за економија, Крешник Бектеши во интервју за ТВ Шења и порталот zoom.mk додавајќи дека владата ќе направи се што е во нејзина моќ да ги заштити потрошувачите од евентуални шпекулации на пазарот. Министерот Бектеши потсетува дека владата на 270 производители на леб во изминатиот период им обезбедилa евтина струја, а над 80 отсто од нив го прекршиле џентлменскиот договор.

Тој уверува дека замрзнување на цените нема да влијае на квалитетот и квантитетот на лебот бидејќи во одлуката е јасно дефинирано дека бел леб од 450 грама не може да се продаде поскапо од 33 денари.

Според него забелешките на опозицијата дека со замрзнување на цените се враќаме во комунизам се неиздржани оти слични мерки преземат и други европски земји, како што се Хрватска или Франција, и имаат за цел да ја намалат инфлацијата.

„Во кризни времиња треба да се воспостави принципот на солидарност од производителот до потрошувачот. Тоа значи дека товарот треба да падне подеднакво на државата, производителите и трговците, а не само врз потрошувачите“, истакнува Бектеши.

Тој потврди дека над стотина трговци се казнети поради непочитување на владината одлука и ги повика сите да ја прилагодат цената оти никој нема да се поштеди.

Зборувајќи за опасноста мерките да генерираат загуби кај производителите на лебот, Бектеши тврди дека ниедна компанија не работи со загуба, туку имаат само пониски профити.

„Во пазарот за снабдување со леб во Скопје имаме олигопол каде неколку производители на леб снабдува над 60 отсто од пазарот.  Додека јас сум министер нема да дозволам овие производители да ја злоупотребат позицијата на пазарот затоа што согласно директивите на ЕУ и домашното законодавство имаме обврска да го штитиме потрошувачот“, вели министерот за економија и додава дека нема опасност компаниите да ги откажат инвестициите поради намалените профити затоа што можат да добијат неповратна помош согласно законот за финансиска поддршка.

Тој ги пофали останатите производители на леб, кои се покажале општествена одговорност споделувајќи ги со владата сите потребни податоци за реалните трошоци за производство на лебот.

Во врска со користење на други мерки за контрола на цените Бектеши тврди дека нема потреба од интервентен увоз или активирање на стоковите резерви затоа што на пазарот нема недостаток на производи.

Р.З.