Доколку со нови рестритивни мерки има скратување на работата на некои дејности, тогаш сигурно дека ќе има дополнителна поддршка за нив. На овој начин постапувавме и во изминатиот период и така ќе продолжиме. Туристичко-угостителскиот сектор кој што е најпогоден од пандемијата доби и најголема поддршка преку владините мерки, вели министерот за економија Крешник Бектеши, најавувајќи дека наскоро ќе биде објавен огласот за ваучери за поддршка на домашниот туризам.
-Ќе продолжи да се реализира мерката што се однесува до ваучерите за стимулирање на домашниот туризам имајќи предвид дека состојбата е непредвидлива до туристичката сезона и повлекувањето на странските туристи. Јавните повици за оваа мерка се подготвени и ќе се објават некаде кон почетокот на месец април, но тоа нема да биде единствената помош за туристичкиот сектор. Значи, се реализира целата програма за развој на туризмот во рамките на секторот за туризам во Министерството за економија. Доколку се случи и оваа летна сезона да биде изгубена поради пандемијата, токму за овој сектор ќе има и дополнителна помош, рече министерот Бектеши во интервјуто за Економски магазин на Алсат телевизија.
Министерот во интервјуто, како што информираат од Министерствтото за економија, потенцира дека во интерес на граѓаните и стопанството е што побрзо во Собранието да се донесат Законите кои произлегуваат од Петтиот сет мерки кои што подолго време се блокирани од опозицијата.