Беким Сали, министерот за здравство, денеска објави дека нов мобилен мамограф е поставен во Здравствениот дом Неготино, со поддршка на Владата на Бугарија.
„Заедно со амбасадорот г-дин Ангел Ангелов и министерката за надворешни работи на Бугарија г-ѓа Теодора Генчовска денеска учествувавме во приемот-испораката на овој апарат чија вредност е 140.000 евра. Со оваа дијагностичка процедура им приоѓаме на жените и во помалите населени места и се фокусираме на превентивниот дел, бидејќи раната дијагноза на ракот на дојка спасува животи. Приоритет на оваа мамографија е таа да биде мобилна и по потреба ќе биде достапна и за жените од другите помали населени места“ објави Сали.
Министерот наведе дека се превземаат мерки за намалување на времето на чекање за преглед и прекувремена работа за мамографи и ехо на дојка.
„Истовремено, заедно со лекарите, здравствените установи и невладиниот сектор, ќе продолжиме со систематски решенија за пристап до нова иновативна терапија, која би можела да спаси животи на многу пациенти“, додаде Сали.