Албанскиот претседател Бајрам Бегај по средбата со американскиот државен секретар Ентони Блинкен, објави дека разговарале за „значењето на билатералните стратешки односи, за случувањата во регионот, за солидарноста со Украина и за посветеноста кон сојузниците во НАТО“.

Претседателот Бегај оваа посета ја нарече многу важна и додаде дека таа е демонстрација „дека нашето стратешко партнерство е посилно од кога било, силна порака за поддршка на Албанците, нашата надворешна политика и иднината на Албанија на патот кон интеграцијата во ЕУ“.

Тој изразил благодарност до Блинкен за она што САД го направиле и го прават за Албанија, Косово и регионот.

-Ние сме благодарни за она што САД го направија и вие го правите за албанската демократија, владеењето на правото, особено реформите во правдата, одбраната, безбедноста и сајбер безбедноста, образованието и економијата преку различни програми за поддршка. Албанија и САД беа заедно во поддршката на Украина, како сојузници во НАТО со придонес во мисиите во Авганистан и Ирак, рекол Бегај на средбата.

Тој му посочил Блинкен дека „Албанија е посветена да продолжи да придонесува заедно со САД и НАТО за регионалната и глобалната безбедност“.

-Оваа посета ја гледам како светла иднина за Албанија, наше стратешко партнерство кое ќе трае повеќе од 100 години – рекол Бегај.

Пред средбата со Бегај, Блинкен остварил заедничка средба со првите луѓе на Специјалното обвнителство против организиран криминал и корупција, Алтин Думани, претседателката на Уставнот суд, Холта Зачај, и на Врховниот суд Сокол Садуши.

Во познатиот објект Пирамида, Блинкен во обраќањето пред стотина млади кои студирале во програми понудени од САД, како Фулбрајт и Меѓународната програма за лидерски посетители, IVLP, наведе некои од познатите имиња на Албанци кои направиле одлична кариера во светот, како Дуа Липа или Мира Мурати, како и успешни албански бизнисмени во Америка.

-Прекрасно гостопримство во земјата на орлите, благодарни сме за партнерството што го имаме. Ја чувствувам топлината овде и на секое друго место во Тирана, рече меѓу другото.

Во тек е средба со премиерот Еди Рама, пороаследува порпишување на договори, а по 18 часот е најавена заедничка прес- конференција.

Ова е прва посета на Блинкен на Албанија, а шеста на американски државен секретар по првата посета на Џејмс Бејкер, 1991 година, Медлин Олбрајт 2000 година, Колин Пауел, 2003 година, Хилари Клинтон во 2012 година и Џон Кери, 2016 година.

Од Тирана тој ќе отпатува за Минхен, Германија каде ќе учествува на Минхенската безбедносна конференција, како дел од делегацијата на САД предводена од потпретседателката Камала Харис.