Атанас Величков
Патоси бришел млитавиот македонски идентитет на најгласните „интелектуалци“ со луѓе, кои сака да ги претвори во партали.
Бесот од немаштијата и неизвесноста истури го врз тој кој не е дел од хорот на омразата. Истури го врз тој од кого не ти зависи работното место и егзистенцијата. Истури го надвор од себе, оти арен човек лошо во него не држи. Исто како со прдежот.
Уште колку дена ќе се расправаме за циркусот Евровизија?
Мирниот македонски народ не трпел предавници, гневот на Македонецот бил страшен. Гневот македонски не е страшен туку е самоуништувачки. И тоа е најстрашното во случајот. Потпишувајте петиции, фрлајте со камења, носете дрва за кладата, што треба со својот оган да ја осветли мизеријата околу нас.
Со петиции стоиме на браникот на татковината, додека заради една рата од кредит сме подготвени да ја продадеме.
Прекрасно се претставија вечните „антифашисти“, поранешни антички Македонци со својата „ариевска“ теорија дека Македонија не може да биде претставувана од пејач, кој замислете имал бугарски пасош. Зошто внукот на бабата од Игралиште, да ја претставувал Македонија? Мизерија! Па бил безобразен, оти со гордост кажувал дека баба му е Бугарка. Сега не требало тоа да го зборува, бидејќи се сфаќало како провокација… Страшно е тоа што ни се случува.
Не се секирајте Гарванлиев нема да ве претставува вас господо патриоти на дување. Вашата ариевска раса огреана од сонцето на Александар е безбедна. Батево погреши што ви се извини, вие заслужувате само игнор. Вашиот инфантилен бес си е само ваш отров и не ви следува разбирање за истиот. Се пењавите како скиснато гравче за толку небулозни глупости како спотот за Евровизија например, додека политичкава елита веќе 30 г. без трошка чувство за државотворност ја раскрчмува Македонија, државата за која парадерски се удирате во гради, додека се чудите како да стигнете до спасувачкиот појас наречен бугарски пасош за да избегате од неа. И ете неколку дена главна тема ви е мочаната Евровизија и ругате човек кој со ништо не допринел за вашата мизерија. Кога немаш јајца да ги казниш реалните виновници, мора да се најде објект за пцуење нели? Тоа ли е таа македонска големина? Не мислам.
Сликата околу целата оваа глупост, погледната од надвор е прекрасна…
Се однесувате како домородци, кои виделе туѓ тотем во шаторот на поглаварот на вашето милениумско племе. Не ви е малку срам? Тоа ли е за вас патриотизмот? Пцуењето и колнењето ли ги нарекувате љубов кон татковината? Срам!
Сосема за крај…
Гарванлиев ќе го заборавите брзо, ќе се појави некој нов објект од кого да направите партал за да избришете под со него. Пазете само на паркетот, евтин е, а Бога ми и излижан од толку многу бришења.