Докторот Нико Беќаровски на неговиот фејсбук посочи дека на Универзитетската клиника за токсикологија хоспитализирани се дваесетина млади лица повредени од пожарот во дискотеката во Кочани кои раскажуваат низ солзи, како преку нив газеле други деца бегајќи од пламените.

„На Универзитетската клиника за токсикологија хоспитализирани се дваесетина млади страдалници од хоророт кој го доживеаа во таканаречениот кабаре бар. Од една страна среќни што сепак извлекле жива глава, задоволни што поминале со некоја полесна изгореница, сѐ уште со гареж во нивните гради“,  но секој од нив има своја траорна приказна за ужасот кој го доживеале тие 10-30 минути“, посочи докторот Нико Беќаровски и додаде:

„Раскажуваат низ солзи, како преку нив газеле други деца бегајќи од пламените, како изнесувале на своите раце изгорени и јагленисени свои другари, како мирисот на изгорено човечко месо им ги парал ноздрите, како топлината им го горела ждрелото, како чучнати во вецето го чекале судниот момент и уште многу други лични трауми кои ги погодија овие прекрасни млади личности. Тие раскажуваат, нас солзите нѝ навираат“.

Истакна дека ова се дваесетина индивидуални драми, но секој од тие петстотини невини фиданки, има своја приказна своја лична траума.

„Драми кои не може да ги креира ниту Холивуд. Физичките трауми ќе зараснат или ќе остават трајни физички дефекти, но душевните трауми уште долго или доживотно ќе бидат нивен следбеник. Ноќните кошмари уште долги години ќе бидат нивен несакан ноќен придружник. ЗОШТО ??? За туѓи бели дворови, копај си црни гробови”, завршува Беќаровски.

Директорот на Клиниката за токсикологија, Андон Чибишев, утрово извести дека првично кај нив биле хоспитализирани 18 повредени во пожарот во Кочани. Поради влошување на состојбата, четворица се префрлени во Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ). Директорот Чибишев не е до крај задоволен од состојбата на четворица пациенти кои се уште се на Токсикологија, оти не е целосно стабилизирана, а останатите рече дека се стабилни.