Британската медиумска компанија BBC објави дека ќе се брани во судска постапка вредна пет милијарди долари што ја покрена американскиот претседател Доналд Трамп против неа. Трамп ги тужи поради спорното уредување на неговиот говор од 6 јануари 2021 година во документарецот „Панорама“, пишува BBC.
Во тужба поднесена во Флорида, Трамп ја обвинува BBC за клевета и кршење на законите за трговски практики. Неговиот правен тим тврди дека BBC го клеветила претседателот со „намерно, злонамерно и погрешно уредување на неговиот говор“.
Во својот говор на 6 јануари 2021 година, во пресрет на немирите во американскиот Капитол, Трамп рече на толпата: „Ќе одиме пеш до Капитол и ќе ги бодриме нашите храбри сенатори, конгресмени и конгресменки“. Повеќе од 50 минути подоцна во истиот говор, тој додаде: „И се бориме. Се бориме како луди“.
Сепак, емисијата „Панорама“ прикажа клип во кој Трамп вели: „Ќе одиме пеш до Капитол… и јас ќе бидам таму со вас. И се бориме. Се бориме како луди“. Би-Би-Си призна дека таквото уредување создало „лажен впечаток“ дека Трамп „директно повикува на насилни дејствија“, но во исто време го отфрли тврдењето дека постои основа за тужба за клевета.
Портпаролот на BBC кратко рече: „Како што јасно ставивме до знаење претходно, ќе се браниме во овој случај. Нема да коментираме понатаму за тековните судски постапки“.
фото/депозитфотос
Текстот BBC одговори на тужбата на Трамп: Нема основа за тоа е превземен од МАКФАКС.






















