Списокот на непријателски земји е објавен од Владата на Русија при спроведување на указот на претседателот Путин. Тоа е список на држави кои вршат непријателски дејствија против Руската Федерација, руски компании и граѓани, изјави вечерва во гостувањето на вестите на Сител рускиот амбасадор Сергеј Баздникин.
Тој посочи дека тоа се вкупно околу 50 држави, меѓу кои САД, Велика Британија, членките на ЕУ, Канада, а од регионот од земјите кои не се членки на Унијата ги наведе Црна Гора, Албанија и Северна Македонија.
-До сега вклучувањето во овој список значи дека руските граѓани и компании, самата држава и нејзините региони можат да ги исплатат во руски рубљи заемите добиени од соодветните земји. Русија се уште не ги има разработено сите мерки коишто ќе ги примени како одговор на западните санкции. Нашата одлука беше реакција на отворено непријателските постапки на владите на овие земји, рече амбасадорот Баздникин.
Тој посочи дека досега врз Русија се спроведени 5530 рестриктивни мерки и изрази жалење што кон нив се вклучила и македонската Влада.
Баздникин изјави дека до Амбасадата стигнуваат многу барања од македонски компании, кои можат да бидат погодени од реципрочните мерки, да се изземат од тие мерки, но за жал, вели, „не може да не реагираме во таква ситуација“. Прашањето, нагласи тој, се разгледува сеопфатно во однос на секоја земја.
Рускиот амбасадор тврди дека уште на почетокот на воената операција барале средба со МНР, но, како што посочи се до 7 март не добиле никакви информации.
-На почетокот на специјалната воена операција за заштита на Доњецката и Луганската Народна Република ние непрекинливо баравме средба со МНР. Вклучително и за и пренесеме на македонската страна важни информации во врска со тоа што се случува во Украина. И покрај овие непрекинливи барања до 7 март немавме средби со претставници на МНР, изјави амбасадорот.
Тој додаде дека е подготвен да се сретне со челниците на земјата во секое време и да објасни за се околу ситуацијата во Украина.
Според него против Русија се води информативна војна, во која, како што рече се користат сите расположиви средства за да се дискредитира раководството на земјата.