Екипата на Барселона наводно му понуди на Атлетико Мадрид прилично интересна размена на играчи.
Шпанските медиуми тврдат дека каталонскиот гигант им го понудил нивниот поранешен фудбалер Антоан Гризман на „јорганџиите“ во замена за младиот Португалец Жоао Феликс.
Откако се појави информација дека Барса нуди размена, претседателот на мадридскиот клуб Енрике Серезо за Ел Ларгеро изјави дека шансите да се случи размената се мали.
„Гризман? Одличен играч и се надевам дека некогаш повторно ќе игра за нас. Сепак, не верувам дека Барса сака да се ослободи од него. Секој тим би го сакал во своите редови“, изјави Серезо и потоа ги коментираше шансите на заминување на Феликс.
„Можност за негово заминување? Не постои! Му треба време да се прилагоди и кога ќе започне неговото полетување, тој ќе биде еден од најдобрите во светот. Играчите не се машини“, рече Серезо.
Без оглед на изјавата на Серезо, Барселона е подготвена да се ослободи од Гризман. Ова го потврди експертот за трансфери Фабрицио Романо, а наводно ПСЖ бил еден од оние кои биле заинтересирани.
Сепак, францускиот фудбалер не сака да се приклучи на тимот од Париз и доколку треба да си замине, попрво би ја продолжил кариерата во англиската Премиер лига.
Гризман пристигна во Барселона во 2019 година од Атлетико за 120 милиони евра, а оваа сезона одигра 50 натпревари за каталонскиот клуб и има 19 голови и 12 асистенции.
Жоао Феликс пристигна во Мадрид како замена за Гризман. Бенфика доби 128 милиони евра, а оваа сезона тој има ефект од 10 гола и шест асистенции на 39 настапи за „јорганџиите“.