Во малото холандско место Буник, во провинцијата Утрехт, е откриено исклучително вредно археолошко откритие: 404 златни и сребрени монети од римско и британско потекло. Најстарите датираат од 200 година пред нашата ера, а најновите од времето на римската инвазија на Британија во 47 година од нашата ера.

Богатството било закопано во поле на длабочина од само 30 сантиметри, и најверојатно му припаѓало на римски центурион – како воен плен од освојувањата на Британија. Неговата вредност одговара на речиси 11-годишна плата на обичен римски војник.

Откритието во октомври 2023 година го направиле двајца истражувачи со метален детектор – Рејниер Колинк и Герд-Јан Меселар – кои всушност барале изгубен клуч од трактор. Наместо тоа, наишле на првите неколку монети и продолжиле да копаат во блиското калливо поле.

„Кога детекторот реагираше, ставив рака во калта и веднаш почувствував дека допирам монети“, изјавил Герд-Јан за локалните медиуми.

Првично биле пронајдени 381 монета, а по пријавувањето, Холандската национална агенција за културно наследство пронашла уште 23. Меѓу нив има:

72 златни римски ауреи, 288 сребрени монети (од 200 пр.н.е. до 47 г.н.е.), 44 златни британски статери со име на кралот Кунобелин (владеел 9–40 г.н.е.).

Некои од британските монети веројатно се ковани постхумно од страна на неговите синови Тогодумн и Каратак. Една од римските монети го прикажува Јуба I, крал на Нумидија (денешен Алжир), а други — императорот Клаудиј.

Фактот дека некои монети се во одлична состојба и не покажуваат траги од користење, укажува дека биле закопани веднаш по исплата, можеби по успешна воена кампања.

Текстот Барале клуч од трактор и ископале римско злато: „Ја ставив раката во калта и ги почувствував монетите“ е превземен од МАКФАКС.