Криминалец од Турција, за кој тамошните медиуми велат дека е водач на турската мафија на 18-ти јануари оваа година беше уапсен во Скопје поради нерегулиран претстој. Полициски службеници го привеле во мал хотел во Петровец. Со оглед на тоа дека имал косовски документи, бил протеран во оваа држава.
Но, четири дена подоцна, наводно Седат Пекер бил во полициска станица во Драчево каде се фотографирал и поднел барање за македонска лична карта. Документите за кои тврди дека ги доставил „свиркач“ ги објави ВМРО-ДПМНЕ. Повикувајќи се на информациите доставени од „свиркачот“, опозициската партија вели дека Седат Пекер на 21 јануари 2021 година поднел барање за лична карта со украден идентитет на лицето Џадин Амедовски.
Но, според ВМРО-ДПМНЕ, Седат Пекер не е единствениот балкански криминалец кој имал македонски документи.
Како што велат тие, македонски пасош имал и Јован Вукотиќ, познат балкански наркобос, кој во 2018-та е уапсен во Турција, по Интерпол потерница, издадена на барање на Грција.
Како доказ за ова, презентиран е транскрипт од судењето и вештачењето на документите на Вукотиќ на судењето во Белград, каде што беше екстрадиран откако бил уапсен. Македонскиот пасош наводно го извадил во 2017-та година под името Георги Андонов.
На прашањето на обвинителите, тој рекол дека немал можност да ја фалсификува патната исправа и дека истата е оригинал и дека на неа се наоѓа неговата фотографија.
На прашањето на заменик јавниот обвинител даи може обвинетиот да се изјасни кое е лицето Георги Андонов, обвинетиот Вукотиќ изјавил:
„Тоа лице не постои, барем јас мислам дека не постои. Да постои тоа лице, јас не би можел да поминам ниту еден граничен премин. Уште еднаш да напоменам дека се работи за регуларна патна исправа“
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која вели дека документите ги доставуваат „свиркачи“, тврдат дека овие две лица не се единствените криминалци кои успеале да добијат македонски документи.
За сето ова прашавме и во МВР, но се уште чекаме одговор.