Претседателот кошаркарската федерација Перо Антиќ, спортскиот директор Тодор Гечевски и генералниот секретар Владимир Георгиевски заедно со селекторот на сениорската Драган Бајиќ одржаа прес-конференција во пресрет на натпреварите од втората рунда на претквалификации за Светското првенство 2023.

Најдобриот состав на македонската кошаркарска репрезентација од 12-ти до 18-ти август во Скопје ќе биде дел од ФИБА турнирот, а противници се селекциите на Швајцарија и Словачка.

Селекторот Драган Бајиќ откри дека нема да има на располагање неколку кошаркари, повеќето поради повреди.

Момчето што е во САД (Андреј Јакимовски н.з.) имаше операција на препоните и неговата рехабилитација трае 6-7 недели и знам дека тој сакаше, но не можеше да се приклучи на репрезентацијата. Војдан Стојановски е повреден, не игра повеќе месеци, Дамјан разговараше со мене, имаше приватни причини, Дарко Соколов смета дека можеби неговото време во репрезентацијата поминало и сите имаме разбирање за него. Сметав и на Николовски, но и тој е повреден, Младеновски се појави на почетокот на подготовките, има повреда на зглобот. Стојан Ѓуроски ми се јави уште додека бев дома, знам дека сакаше да помгне, но е повреден, вели Бајиќ.

Сепак, селекторот додава дека има ситуации кои што не ги разбира. Како на пример со еден од најдобрите, Ненад Димитријевиќ.

-Ненад Димитријевиќ, сакам да ја објаснам целата ситуација за да нема дамки околу моето име. Контактирав со него, му кажав дека сакам да биде лидер на оваа репрезентација во следните десетина години. Реков дека е исклучително потребен за да се пласираме во квалификациите. Му реков дека е можно да му дадам одмор понатаму. Јас подоцна имав повик само од неговиот менаџер кој побара Нено да се појави на 28 јули бидејќи имаше тешка задача, вели селекторот кој притоа додава:

Јас поминав преку некои свои принципи, во слична ситуација беше Вајли кој исто така дојде подоцна поради лични проблеми. Несфатливо ми е некој со 23 години да бара одмор, а 36-годишниот Бојан Трајковски доаѓа на секој тренинг и работи како да има 20. Следна работа беше тоа што јас бев известен од луѓето во Федерацијата дека Димитријевиќ нема да се појави на тренинзите. Јас нема ни да тужам, ни да барам причини, толку е од мене, тој не ме удостои да ми се јави и да ми ги каже причините поради кои не дојде. Ја има македонската јавност да ѝ објасни. Го имате Горан Пандев кому не му е тешко на 37 години да игра за репрезентацијата, го имате Кирил Лазаров кој во петтата деценија гине за репрезентацијата, можеби треба да им објасни на нив, рече селекторот на македонската репрезентација.