САД имаат намера да испратат војници не во Украина, туку во соседните НАТО земји, во случај на евентуална инвазија на Русија. Ова синоќа го соопшти американскиот претседател Џо Бајден, одговарајќи на прашања на новинари во Вилмингтон, во државата Делавер, каде го минува викендот.

Неговата изјава веднаш беше објавена на интернет страницата на Белата куќа.

Бајден беше прашан зошто решил да се откаже од идејата за распоредување американски војници во Украина во случај на инвазија на Русија.

-Никогаш тоа не е разгледувано, одговори претседателот на прашањето дали е подготвен да испрати американски војници во војна во Украина за да се борат против Русија на бојното поле.

Според него, за време на онлајн средбата со Владимир Путин, тој му кажал дека во случај на инвазија на Украина, американските трупи ќе бидат испратени во таканаречната група „Букурешт девет“ (Б9), во која се наоѓа источното крило на НАТО (Бугарија, Унгарија, Летонија, Литванија, Полска, Романија, Словачка, Чешка и Естонија).

-Ќе мораме да испратиме повеќе американски и НАТО војници во источното крило, во Б9, во сите оние земји на НАТО за кои имаме света обврска да ги заштитиме од каков било руски напад, рече Бајден.

Истовремено, тој додаде дека САД „ќе продолжат да му обезбедуваат на украинскиот народ одбранбени способности“, без да ја прецизира нивната природа.

Бајден повтори дека во разговорите со Путин укажал на погубните економски последици за Русија од потенцијалната руска инвазија на Украина.

-Многу јасно му кажав на претседателот Путин дека доколку ја нападне Украина, економските последици за неговата економија ќе бидат поразителни, рече Бајден.

„Влијанието на сето ова врз Русија, ставот, начинот на кој остатокот од светот гледа на Русија, значително ќе се промени. Ќе платите ужасна цена“, додаде Бајден, осврнувајќи се на неговиот разговор со рускиот лидер.

Путин и Бајден на 7 декември одржаа видео-конференција што траеше два часа, а на неа доминантна тема беше ситуацијата околу Украина.