Претседателот на САД Џо Бајден придружуван од државниот секретар Ентони Блинкен и заменик-секретарот за одбрана Кетлин Хикс зборува за помошта на САД за Украина, во Белата куќа во Вашингтон. 16 март 2022 година.

Американскиот претседател Џо Бајден за прв пат изјави дека рускиот претседател Владимир Путин е „воен злосторник“ поради неговата инвазија над Украина.

„Тој е воен злосторник“, изјави Бајден за новинарите по настаните во Белата куќа, додека бројот на загинати во Украина се зголемува, а уништувањата продолжуваат.

Бајден претходно денеска најави нов пакет воена помош за Украина во борбата против Русија, вреден околу 800 милиони долари во кој е вклучено и купување на беспилотни летала.

Соединетите држави, исто така, соопштија дека и помагаат на Украина да „идентификува и набави противвоздушни системи со долг дострел“ и потребна муниција.

Администрацијата на САД досега избегнуваше да ја користи фразата, дури и кога беа упатувани прашања директно.

Прес секретарот на Белата куќа Џен Псаки рече дека Бајден „зборува од срце“ откако видел слики на телевизија за „варварски дејствија на брутален диктатор преку неговата инвазија на странска земја“.

Русија негира дека цели цивили и покрај многуте докази документирани од медиумите кои го покажуваат спротивното.

Како реакција на коментарот на Бајден, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за изјавата рече дека е „неприфатлива и непростлива реторика“, објави новинската агенција Тасс.

Путин нареди голема инвазија над Украина пред три недели, тврдејќи дека дејствијата на Русија се „специјална воена операција“ за демилитаризација и „деназификација“ на Украина и соборување на нејзината демократски избрана влада.