Еурофарм Пелистер победнички ја започна сезоната во СЕХА Лигата, совладана е Металопластика со 30:26, но тренерот на битолчани, Жељко Бабиќ има голема замерка на условите за тренинг и натпревари во салата „Боро Чурлески“.
Имено, Бабиќ на прес конференцијата по натпреварот се пожали на ненормалните услови, односно студената сала која им задава огромни проблеми на ракометарите.
– Сакам да испратам порака до битолчани. Овде нема услови за игра. Оваа температура во која игравме и тренираме не е нормална. И тоа не е спорт за 21 век. Битолчани велат дека многу го сакаат ракометот, но тоа не ми го покажуваат мене, како тренер и на играчите кои се смрзнуваат и кои не можат да ја држат топката – изјави Бабиќ.
Идентичен став има и тренерот на Металопластика Веселин Вуковиќ.
– Апсолутно се согласувам со мојот колега. И вчера на тренинг и денес на натпревар навистина им беше многу тешко на ракометарите. Затоа ги молам луѓето од Македонија да направат една сала во која ќе има нормални услови за игра. Играчите ќе се повредуваат, затоа што нема услови. Клубот вложува пари и заслужува подобри услови – рече Вуковиќ.