Американскиот претседател Џо Бајден вети 4 милијарди долари за поддршка на програмата Ковакс за правична дистрибуција на вакцините против ковид-19 за посиромашните земји.
„Претседателот утре на состанокот на Г7 ќе објави дека презема конкретни чекори за подобрување на здравјето и безбедноста на Американците со заштита на ранливото население низ целиот свет“, се вели во соопштението на Белата куќа.
САД ќе дадат првичен придонес од 2 милијарди американски долари во глобалната алијанса за вакцини Гави, што го координира проектот Ковакс.
Вашингтон ќе ослободи дополнителни 2 милијарди долари во 2021 и 2022 година, „од кои првите 500 милиони долари ќе бидат достапни откако ќе се исполнат постојните обврски на донаторите и ќе се испорачаат почетните дози“, додаде Белата куќа.
„Ние исто така ги повикуваме Г7 и другите партнери да работат со Гави за да одвојат повеќе средства за поддршка на глобалната вакцинација против ковид-19 и да ги насочат кон итните потреби за производство, снабдување и испорака на вакцините“, се вели во соопштението.
Иницијативата предводена од ООН планира да испорача 337,2 милиони дози во првата половина на годината, претежно на земјите во развој, соопштиле вклучените организации на почетокот на овој месец.
Доволно е да се вакцинираат скоро 169 милиони луѓе со две дози – или околу 3 проценти од населението во 145 земји кои учествуваат во проектот Ковакс.
Иако многу држави ќе купуваат дози по пристапни цени преку Ковакс, програмата ги покрива трошоците за 92 посиромашни земји.