Претседателот Џо Бајден ја продолжи за една година националната вонредна состојба прогласена со Извршна наредба 13219 во однос на Западен Балкан, пренесува Гласот на Америка на македонски јазик.

На 26 јуни 2001 година, со оваа извршна наредба претседателот прогласи национална вонредна состојба за Западен Балкан со цел да се справат со закана за националната безбедност и надворешната политика на САД конституирани од дејствијата на лица вклучени во, или помагаат, спонзорираат или поддржуваат екстремистичко насилство во:

– Поранешна Република Македонија (денешна Република Северна Македонија) и на други места во регионот на Западен Балкан;

– Дејствија кои го попречуваат спроведувањето на Дејтонскиот договор во Босна;

– Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации од 10 јуни 1999 година, во Косово.

Белата куќа соопшти дека „дејствата на лицата кои ги загрозуваат напорите за мир и меѓународната стабилизација на Западен Балкан, вклучително и актите на екстремистичко насилство и опструкционистичка активност, и ситуацијата на Западен Балкан, која го спречува напредокот кон ефективно и демократско владеење и целосна интеграција во трансатлантските институции, продолжуваат да претставуваат невообичаена и извонредна закана за националната безбедност и надворешната политика на САД“.

Во соопштението се вели дека поради овие причини, „националната вонредна состојба прогласена во Извршната наредба 13219, според која беа преземени дополнителни чекори во Извршната наредба 13304 и која беше проширена во опсегот во Извршната наредба 14033, мора да продолжи во сила по 26 јуни 2024 година“.

Претседателот Бајден во 2021 година потпиша извршна наредба, со која се предвиде замрзнување на имот и забрана за влез во САД на лица кои работат против Договорот од Преспа и Охридскиот рамковен договор.

-Оние кои се одговорни или се вклучени, директно или индиректно, во нарушување или во дејствие кое ја попречува или е закана за имплементацијата на кој било регионален безбедносен, мировен или договор за соработка, или рамковен договор поврзан со Западен Балкан, вклучувајќи ги Договорот од Преспа од 2018 година, Охридскиот рамковен договор од 2001 година, стои во извршната наредба на Бајден.