ЏАБИР ДЕРАЛА

Не мора човек да се труди да прави сатира од националистичките, антидемократски и антизападни стуктури, партии и квази-(наведете сами).

Овие ликови и групации се смешни и гротескни самите по себе.

Уште повеќе, нема зошто да се манипулира со видео снимки од нивните јавни настапи, за да се убеди јавноста дека се антизападно ориентирани, дека го блокираат македонскиот пат кон ЕУ, како што го блокираа патот до членство во НАТО, враќањето на правдата и владеењето на правото.

Јавноста знае кои се. Секој ден се занимаваат со производство на лаги, манипулации и омраза. Тоа им е работа.

Притоа, неприфатливо е во етичка, а и забрането во правна смисла – да се манипулира со видео снимки или изјави, бидејќи тоа води кон дезинформации – омилена алатка на погоре наведените. Дури и кога се работи за сатира, не треба да се прави тоа, особено затоа што овие ликови немаат смисла за хумор. Тоа се прилично бајати и не многу интелигентни силеџии. Нема зошто да се влегува во лична пресметка со нив, тоа со душа го чекаат.

Повеќе од доволно е новинарите, аналитичарите и сатиричарите да се задржат на вистината и фактите за нив. Очигледна е нивната немоќ да се соочат со реалноста, односно напори да ја прилагодат реалноста на своите болни фантазии. Сосема доволно е – преку факти и аргументи (па и маестрални сатири – под услов јасно да се назначено тоа, за да не се доведат читателите во заблуда) – да се разобличуваат постапките кои произлегуваат од нивната бескрајна алчност и патолошка потреба да лажат, да бидат насилни, да владеат и да малтретираат.

Кога се случува некој, макар и со сатира, да направи и најмала манипулација или дури и ненамерно да згреши, тие потскокнуваат од радост. Тоа е можност за режимските курири, а неретко и нивните газди – високи партиски функционери – да се обидат да ја протнат тезата дека „сите се исти“ и да го одвлечат вниманието на јавноста од себе, од својата рѓа. Тие со радост ја користат секоја прилика да обвинуваат дека (и) другите креираат и шират лажни вести. Тоа е тотално неточно. Толку е неточно, што е смешно.

Не сме исти. На едната страна се слуги на клептократијата, национализмот и насилството, чија политичка ориентација е блиска со најмрачните идеологии во поновата светска историја, сѐ поотворено се позиционираат против ЕУ и демократскиот Запад. Нивните алатки се исковани во Москва. На другата страна се прогресивни и демократски сили, во кои секојдневно вредно работат и придонесуваат интелектуалци, редакции и организации, чија определба е повеќе од јасна и непоматена низ децениите на македонскиот пат кон европската иднина.

Нема што да му се додаде на ова утринско еспресо, освен дека само треба да се продолжи со добрата работа – посветено, искрено и чесно. Тоа е најдобриот одговор.

Превземено од Цивил Медиа