Бјонтек и Фајзер не гарантираат максимално дејство на вакцината ако поради било кои причини се одложи втората доза која треба да се прими не подоцна од три недели од првата.
Советничката група на Светската здравствена организација денеска соопшти дека нејзината препорака е двете дози на вакцината на Фајзер/БиоНТек да се примат во интервал од 21 до 28 дена. Сепак, тие посочуваат дека во „исклучителни околности“, може да се даде втората доза шест седмици по првата доза од вакцината.
– Разгледавме и ја дадовме следната препорака: две дози од оваа вакцина во рок од 21 до 28 дена, рече Алехандро Кравиото, претседател на Стратешката советодавна група на експерти за имунизација (САГЕ) на онлајн конференција. Тој потенцира дека вовеле „одредба за земји во исклучителни околности на ограничувања во снабдувањето со вакцини за одложување на администрирање на втората доза за неколку недели со цел да се зголеми бројот на лица кои ќе имаат корист од првата доза“.
Германската фармацевтска компанија „БиоНТек“ претходно денеска предупреди дека не може да гарантира максимален ефект на вакцината против Ковид-19, што ја произведе со американски „Фајзер“, доколку се одложи втората доза со што временскиот интервал помеѓу двете дози би бил подолг од пропишаните три недели.
Велика Британија предизвика контроверзии оваа недела објавувајќи дека планира да ја одложи втората доза на вакцината до 12 недели со цел повеќе луѓе да ја добијат заштитата предвидена со првата доза, а сега и Германија ја разгледува таа можност.
.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.