До крајот на годината македонските граѓани преку интернет ќе можат да подигнат 150 документи од администрацијата без да мораат да чекаат пред шалтери, ветува министерот за информатичко општество Азир Алиу, во интервју за ТВ Шења и порталот зум.мк додавајќи дека со тоа ќе се обезбеди брза услуга и ќе се одбегнат злоупотребите.

Министерот Алиу објаснува дека за да можат граѓаните да аплицираат онлајн за основни документи ќе мораат да отворат сметка во националниот портал. Системот ќе работи по принципот на електронско банкарство, вели Алиу и додава дека до сега граѓаните електронски можат да вадат уверение за државјанство, извод на родените и увид во работниот стаж.

„Дигитализацијата на услугите ќе ја намали корупцијата, се зголемува квалитетот на услугата, а од друга страна се оптимизира државната администрација“, тврди Алиу.

Тој смета дека државната администрација е дезориентирана од аспект на внатрешна организација бидејќи некаде нема доволно вработени, а некаде има премногу.

„Со реорганизацијата  и оптимизацијата на администрацијата, ќе има намалување на јавните институции на 111, а од друга страна ќе има и јасен опис на секое работно место. Ќе има јасна вертикала, кој креира политики,  кои ги спроведува и кој ги оценува“, објаснува тој.

Според него, сеуште има институции кои се спротивставуваат на дигитализацијата на услугите со тоа што одбиваат да споделат информација од страв дека ќе го изгубат работното место и поради желбата да продолжат злоупотребите.

Азири најавува дека набрзо во Собрание ќе се достават четири закони, со кои ќе се воведе мерит системот во администрацијата и ќе се професионализираат раководните функции во администрација преку транспарента постапка, од објавување на оглас до изборот врз основа на јасни индикатори. Р.З.