Комората продолжува активно да работи на иницијативата за оспорување на Законот за данок за солидарност пред Уставниот суд на Република Северна Македонија. Иницијативата значи обединување на целата бизниc-заедница во однос на овој закон, што е редок позитивен пример и покажува дека Клубот 100 при нашата комора правилно постапил реагирајќи на правните и процедурални пропусти во самиот закон, вели во интервју за порталот Пари, претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески.

„Има и втора придобивка за нас, а тоа е таа дека првпат иницијатори за оспорување на законското решение кое има финансиски последици врз компаниите да се оние бизнис-субјекти врз кои Законот нема финансиско влијание. Значи, компаниите кои не се опфатени со овој закон и кои немаат обврска да го платат овој данок се иницијаторите Законот да се достави до Уставниот суд, а тоа зборува многу за улогата што ја има Комората, пред сѐ, во поврзувањето или во вмрежувањето и во застапувањето на бизнис-заедницата гледана како една целина. Бизнисот е целосно усогласен во однос на забелешките кон Законот за данок за солидарност“, нагласи Азески.

Доставата до Уставниот суд, потенцираше Азески, зависи од потребните процедури и правни механизми. Но, секако, Законот ќе се најде пред Уставниот суд.

„Ова е трет закон оваа година што ќе го оспориме на Уставен суд, што доволно зборува за тоа дека се исцрпени можностите за преговарање и за почитување на нашите аргументи. И ние во тоа не гледаме ништо необично. Ние сакаме да има дијалог, да има различни мислења. Сакам да појаснам дека Законот за данок за солидарност нема никаква врска со оспорување на солидарноста. Има врска со определени процедури и основни принципи на работа што мора да се почитуваат“.

На прашањето дали Комората ќе повика на непослушност, односно компаниите од страна на компаниите Азески нагласи дека Комората поддржува законска и легитимна процедура и дека непослушноста не е опција што ја промовира.

„Главна цел на Комората е да ги заштити интересите на своите членки и да им помогнеме во процесот на законска заштита, а таа го прави тоа. Прашањето околу Законот за данок за солидарност беше предмет на дискусија и на консултации со членките на Комората. Упативме дописи со аргументи образложени на повеќе страни, усогласени и потпишани од највисоките органи и тела на Комората, предводени од Клуб 100, а поддржани и од Управниот одбор, Надзорниот одбор, од Собранието на Комората, Советот на странски инвеститори и од другите бизнис-организации.Нашите очекувања се дека Уставниот суд  на Република Северна Македонија ќе биде на висина на својата улога и одлуката ќе ја донесе врз основа на законитоста и на уставните одредби“, вели Азески.