Колумна на Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Северна Македонија
Просечна стапка на економски раст помала од 2% во периодот од 1992 година до денес. Стапка на раст која е убедливо најниска споредено со сите земји од поширокиот регион. РАЗОЧАРУВАЊЕ!
Континуиран раст на задолжувањето на државата во целиот изминат период. Јавниот долг во 2023 година достигна 58% од БДП со тенденција тој да продолжи да расте во наредниот период. УШТЕ ЕДНО РАЗОЧАРУВАЊЕ!
И УШТЕ МНОГУ ДРУГИ РАЗОЧАРУВАЊА ВО ЕКОНОМИЈАТА КОИ МОЖЕМЕ ДА ГИ КОНСТАТИРАМЕ ВО ИЗМИНАТИТЕ 32 ГОДИНИ ОД НАШАТА НЕЗАВИСНОСТ.
Во 2010 година Стопанската комора како најголема бизнис асоцијација направи обид да ја промени ситуацијата во македонската економија преку изработка на конкретен план за економски развој кој беше понуден од наша страна. За жал, политичките елити во овие 14 години од 2010 година наваму наместо да го прифатат тој план на бизнисот со цел поголем економски прогрес, тотално ја партизираа државата.
Комората во овие 14 години работеше на дополнително надградување и засилување на својата институционална инфраструктура, објаснување на својата намера и дополнителна аргументација на своите развојни концепти, со цел да создаде атмосфера за прифаќање на еден нов голем договор за економски развој во кој нема место за партизација, за етничка фрагментација, ниту за политички популизам. На тој начин правиме уште еден обид да им укажеме на сите чинители во државата дека ова е последната шанса за фаќање приклучок со развиениот свет.
За таа цел, Комората на 100 годишнината од своето постоење на 14.7.2022 година донесе Декларација преку која на јавноста и понуди платформа за постигнување на широк општествен консензус за клучните економски реформи, политики и мерки. Оваа Декларација беше потпишана од повеќе од 350 големи, средни и мали компании, МАНУ, речиси сите државни универзитети, голем број на бизнис асоцијации, здруженија и граѓански организации и политички партии.
Денес во медиумите ќе сретнеме многу натписи кои на различни начини ја толкуваат оваа голема идеја. Дали тоа треба да е нов рамковен договор, дали тоа треба да е договор за нов економски развој или пак сеопфатна платформа за промена на нашиот менталитет.
Како иницијатори на овој концепт за општествено обединување со цел економски напредок на земјата можеме да кажеме само едно. Ние ја гледаме големата слика и за нас е важно во неа да преовладуваат државните, а не партиските интереси.
Потврда за тоа се сите разговори што ги направивме со голем број на наши интелектуалци, истакнати бизнисмени и членки на Комората кои јасно посочуваат дека бизнисот треба да биде главен кохезивен фактор за економскиот развој на земјата и дека политичките елити конечно треба да се насочат кон економијата како главен приоритет.
Но, да одиме по ред.
Поранешниот премиер Хари Костов на 14.8.2021 година на денот на одбележувањето на 20 годишнината од рамковниот договор во Охрид го скрши мразот и јавно обзнани дека на земја ѝ е потребен нов договор за економски реформи, политики и мерки кои треба да се спроведуваат во наредните најмалку 10-ина години и тоа да биде остварено во соработка со бизнисот и со науката.
Јас лично во сите мои настапи го повторувам истото укажувајќи дека е време да ги обединиме нашите сили и да работиме заедно, било како компании, универзитети, академска заедница, или политички партии. И не само што го потенцирам и јавно укажувам на тоа, туку многу поважно како претседател на Комората активно и посветено работат на тој процес на обединување.
Проректорот на Универзитетот “Гоце Делчев” – Штип, проф. д-р Дарко Лазаров, во нашата заедничка книга “Нов договор за економски развој” што ќе биде јавно промовирана неделава потврдува дека економскиот развој и одржливиот економски напредок е резултат на многу комплексни процеси и системски реформи кои подразбираат координирано и заедничко дејствување на сите чинители, тргнувајќи од креаторите на политики, бизнис-секторот, академијата и граѓанскиот сектор.
На крај сакам да порачам дека не треба да се доведеме во ситуација “од гранките да не можеме да ја видиме шумата”, што значи дека треба да се издигнеме над ситуацијата и да не играме игри или криенка со зборови.
Напротив, потребно е да се зафатиме со суштината и со реалноста која подразбира враќање на правната држава и владеење на правото; почитување на темелните вредности и принципи на пазарната економија; запирање на непродуктивните и популистички трошења на буџетските пари; зголемување на продуктивноста, конкурентноста и додадената вредност во економијата; како и завршување на процесот на гасификација како клучен инфраструктурен приоритет во интерес на граѓаните и бизнисот.
Сите ме прашуваат која е гаранцијата дека ова ќе биде остварено? Јас велам, доста ни беше популизам, лажно партнерство и партизација. Сега најчестите зборови ќе бидат градење на платформа со сите субјекти кои и сакаат добро на оваа држава, партнерски и фер односи со владата и јасно прокламираната алтернатива дека ако не дојде до реализација на овие цели ќе се повика меѓународниот фактор да се вклучи активно во решавање на застојот во нашиот развој и ќе се принуди компаниите и бизнисот да бараат сопствени решенија кои ќе бидат во нивни интерес.
П.С. ОВАА ЗНАЧАЈНА ПОРАКА НЕДЕЛАВА ЌЕ БИДЕ СООПШТЕНА НА ГЛАВНИТЕ ПОЛИТИЧКИ ПАРТИИ ПРИ НИВНИТЕ ПОСЕТИ НА КОМОРАТА, А ВО ПЕТОК, ВО 5 МИНУТИ ДО 12 ЧАСОТ, ВО КОМОРАТА ЌЕ БИДЕ ПРОМОВИРАНА КНИГАТА “НОВ ДОГОВОР ЗА ЕКОНОМСКИ РАЗВОЈ”.